Поранешните кнцесионери на плажата Потпеш во охридската населба Канео, денеска самоиницијативно започнаа со отстранување на урбаната опрема и другите содржини, по добиеното решение од локалната самоуправа.

Почнавме прво од платформите кои се пред објектот, а не се во вода. Ќе продолжиме со активности до конечно затворање на објектот. – изјави Томе Тримче, угостител и поранешен  концесионер на плажата Потпеш.

Тој истакна дека е навреден од изјавите на, како што рече,  некои политичари, кои концесионерите на плажите ги третираат како криминалци. Посочи дека целиот проблем, поради што дојде до актуелните случувања со плажите, е во лошо спроведената постапка за издавање на плажите во 2018 година. Додаде дека уредно се пријавиле на повикот на кој пет заинтересирани фирми имале неуредна или некомплетна документација, поради што процедурата била прекинаната и се уште не е завршена.

Бараме да добиеме концесија и да работиме легално. Од јавна депонија направивме една од најубавите плажи на крајбрежјето која покажа добри економски резултати од што бенефит има и градот. Се прашувам како нашите колеги во Струга, на кои им давам поддршка, работат со платен паушал од 2010 година, 11 години, а ние кои во 2018 година останавме без концесии, но ги подмиривме со тужби, не работиме. Му праќам порака на вицепремиерот Артан Груби да не посети и нас, да ни го каже начинот како и ние да работиме. Ова е општество подеднакво за сите нас и бараме да работиме под истите услови. Да ги отстраниме неправилностите на кои укажува УНЕСКО и да работиме. –  рече Тримче.

Тој посочи дека плажите не се само објекти, таму има вработени, големи трошоци и наталожени долгови од ковид кризата. Додаде дека затворањето на плажите ќе нанесе голема штета на туризмот во Охрид.

Гледате и сами, ние го растураме објектот, а тука има туристи. Каде води ова јас не знам. -истакна Тримче.

Тримче потврди дека дека струјата на објектот на плажата Потпеш е исклучена, за што била поднесена  тужба, бидејќи, како што кажа, не добиле никакво предупредување за тоа. Изрази подготвеност да им ја достави целокупната документација на надлежните власти и премиерот, затао што, како што рече, плажата ги има подмирено сите обврски, платите кон вработените и даноците кон државата.

Тримче рече дека ќе ја почитуваат одлуката на Општина Охрид и нема да работат, но упати апел да се изнајде решение за проблемот до усогласување на плановите со Планот за управување со Охридскиот регион.

Доколку не се изнајде решение целиот овој простор ќе го вратиме во првобитна состојба, плажата ќе се врати како што беше – депонија со рушевини. Исто така и Мостот на желбите, кој е од големо значење за жителите во стариот дел на градот и туристите е прогласен за дивоградба. Јас апелирам да не се урива, туку да се поправи и низ соодветна процедура да се стави во употреба, така што ќе биде сигурен за граѓаните. – додаде Томе Тримче.

Вработените во Потпеш, пак, велат дека сега се приморани да си бараат „чаре“, можеби и надвор од државата, затоа што тука повеќе работа за нив нема.

Ако не се снајдеме тука ќе мора да заминеме надвор од државата на работа. – изјави еден од вработените на плажата Потпеш каде во сезона работеа до 30 лица.

OhridNews
Фото: А. Момироска