„Не им се плашам на насилниците, не му се плашев ниту на Никола Груевски кога неговите силеџии се закануваа на моите деца. Не им се плашам на насилниците на ДУИ и на оние што молчат и седат во иста влада со нив. Сега е време да се направи разлика – кој е за слободна демократска Македонија, а кој е со насилниците“, порача претседателот на ЗНМ, Насер Селмани од протестот кој се одржува пред Владата, како реакција на заканите добиени од висок фукционер на ДУИ.

Насер рече дека протестот е организиран пред Владата бидејќи веќе се „прелеала чашата“. „Не сме тука само затоа што некои насилници ми се закануваат мене, туку затоа што постојано новинарите се изложени на закани и притисоци, затоа што се спроведува цензура во телевизиите, затоа што новинари се влечат по судови затоа што сликаат политичари на јавни места. Сакам да и упатам порака на Владата – не прифаќаме објаснување дека во Владата има лоши и добри дечки. Не прифаќаме дека во Владата да има две влади. Оваа Влада има обврска да ги замолчи насилниците. не е доволно Владата само да го осуди насилството. Таа има обврска да ги замолчи насилниците или во спротивно ќе станат дел од таа приказна“, порача Селмани.

Тој им порача на граѓаните: „Ако сега молчиме, ако сега биде замолчен, да знаете дека вие сте на ред, да знаете дека ќе дојдат утре по вас. Сакам да ве повикам да бидете будни, затоа што еден режим што испративме, нема да дозволиме да востановиме нов, оти после ќе биде предоцна“.

Претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис пред Владата порача дека протестот се организира поради заканите од страна на високи припадници на партијата која што е на власт, упатени врз Насер Селмани. „Нападот на Насер е напад врз сите новинари. Бараме полициска заштита, бидејќи станува збор за насилници кои имаат историјат за насилство втз новинари“, рече првиот човек на ССНМ.

Синдикатот на медиумски работници побара обвинителството да постапува по службена должност, затоа што она што се случува сега со Селмани кој укажа на непостапувањето на институциите и селективната правда, е нешто што се случува со секој од нас. „Институциите да си ја вршат својата должност. Нас ни требаат дела, а не соопштенија“, порача Чаусидис.

OhridNews
Макфакс