Високи државни и партиски функционери заедно со други лица, го искористиле влијанието на локално и државно ниво и извршиле злосторничко здружување за вршење кривични дела, со цел да се овозможи победа на одредена политичка партија на изборите, како и да се интервенира во избирачкиот список во корист на партијата чии членови биле, беше соопштено на денешната прес конференција на Специјалното јавно обвинителство.

Оттаму информираа дека е отворена истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања. Меѓу осомничените се поранешни министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, генералниот секретар на владата во 2012 година и други лица.

– Во 2012 година осомничените во својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на владата на РМ, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други засега непознати лица, искористувајќи го своето влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата и на локално и на државно ниво и особено поради нивни привилегии од практикување на власта создале група која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години. На истата група по создавањето припадници станале другите осомничени лица и други засега на истрагата непознати лица. Дел од осомничените и други засега непознати лица заради победа на изборите на политичката партија склучиле план да на противзаконит начин им овозможат на повеќе лица да користат избирачко право, кои дејствија според планот би се реализирале преку вработените во МВР и преку лица кои директно ќе врбуваат и носат лица од странство со конечна реализација на планот преку одделот за информации кај МВР. Преку насилство и други противправни дејствија во тек на изборната кампања и самите изборни денови да влијаат на начинот како да се врши избирачкото право и да спречуваат да се врши избирачкото право, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Обвинителката Ленче Ристова, рече дека во рамки на акцијата „Титаник“, биле изречени барања за притвор како мерка на обезбедување на одредени лица кои биле доставени во текот на денешниот ден, при што од слобода е лишено едно лице.

OhridNews