Серија земјотреси беа почувствувани вечерва во Охрид. Четири минути по полноќ регистриран е земјотрес со магнитуда од 4.1 степен по Рихтер. Епицентарот бил на 9 километри источно од с.Косел на длабочина од  2 километри.

По овој потрес следеа уште неколки потреси во 00.37 со магнитуда 2.7, во 00.54ч. со јачина 3.5, во 1.02ч. со интензитет од 2.9 степени и во 1.10 ч. со јачина од 3.3 степени по Рихтер.

Во 23.45 часот измерен е земјотрес со јачина од 2.8 степени, на кој му претходеше уште еден со магнитуда од 3.1 степени по Рихтер што се случи во 21.38 часот. Уште два послаби земјотреси со интензитет од 2.6 и 2.7 степени регистрирани се попладнето.

Веќе три недели тлото под Охрид постојано се тресе. Од 18-ти јуни во Охридскиот регион регистрирани се околу 1200 земјотреси. Најсилниот се случи на 3-ти јули со магнитуда од 5 степени по Рихтер. Сеизмолозите велат дека земјотрес не може да се предвиди, но сметаат дека енергијата за поголем потрес е истрошена. Очекуваат уште извесен период да има потреси со послаб интензитет во Охридскиот регион.

OhridNews