Непознати лица ноќеска „оперирале“ во црквите Св. Ерaзмо, Св. Никола Геракомија и Св. Богородица – Каменско. Од црквата Св, Никола Геракомија, која се наоѓа во стариот дел на Охрид, провалниците украле неколку илјади денари. Крадците успеале да влезат и во црквата Св. Еразмо, но не одзеле ништо, додека во црквата Св. Богородица – Каменско, се вклучил алармот, кој ги одвратил од намерата.

Крадците се обиделе да влезат и во Галеријата на икони во чие депо се чуваат вредно културно наследство. За среќа не успеале во намерите затоа што и во овој случај се вклучил алармот, по што ја обиле вратата од камбанаријата во комплексот на црквата Св. Богородица Перивлепта, и откако не нашле ништо вредно си заминале.

Во сите случаи крадците користеле подесен алат, информираат од полицијата, која утрово изврши увид во црквите и трага по сторителите. Не се знае дали зад синоќешните кражби и обиди за кражба стои организирана група, но дел од провалниците се снимени од безбедносните камери поставени на дел од црквите и во Галеријата на икони.

Црквите често се мета на крадци во последно време, кои  многу почесто  оперираат во руралните средини. Последен пат поголема кражба во црква во Охрид се случи во мај 2006 година, кога од црквата Света Богородица Болничка  во Охрид која датира од 14 век беа украдени дел од моштите на Светите маченици  Кирик и Јулита.

Г. Момироски