Струшкото село Велешта кое речиси два дена беше исклучено од електро-системот, вчеравечер доби елекрично напојување. Според жителите со пуштањето на струјата , денеска состојбата во селото била мирна и револтот на населението бил надминат, што значи дека нема да има нови протести и блокади.

Претседателот на месната заедница Абдулкадри Шеј, во телфонски разговор не информираше дека претставници на месната зедница вчера се сретнале со раководството на ЕВН Македонија во Скопје и биле договорени деталите за надминување на овој проблем.

Завчера над 120 куќи од селото немаа струја, додека пак во текот на вчерашниот ден речиси 90% од домаќинствата беа исклучени од електричното напојување. Голем број поединци и трговски дуќани во Велешта имаат претрпено материјална штета поради недостатокот на струја, а точната проценка на вкупната штета во селото поради овој проблем, ќе се утврдува деновиве, по што ќе бидат покренати и соодветни тужби, вели Шеи.


Од ЕВН Македонија информираа дека напојувањето на електрична енергија е пуштено, но дека нема да престанат со контролите и исклучувањата на должниците и оние кои на нелегален начин ја користат електричната енергија.

– По целодневните преговори доцна синоќа меѓу ЕВН Македонија, претставници на Велешта, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и заменик министерот за транспорт и врски Тахир Хани договорено е да прекинат протестите и блокадите на патиштата на жителите на Велешта. Договорено е да не се попречува реконструкција на мрежата во Велешта која ќе почне по рамазанските пости, а ЕВН да го отстрани дефектот и да обезбеди снадбдување со електрична енергија. Доколку не се почитува договорот од страна на локалната власт и жителите на Велешта, ЕВН Македонија нема да гарантира за непречено снабдување со електрична енергија и отстранување на евентуалните дефекти, стои во соопштението на ЕВН.

Во него се апелира и на почитување на законот, па според тоа треба да се побара одговорност за вандалите кои ја демолираа зградата на ЕВН во Струга и согласно законските прописи да се преземат мерки против нив. Инаку жители од струшко Велешта, вчера попладне го блокираа меѓународниот патен правец Струга – граничен премин Ќафасан со што побараа од ЕВН веднаш да ја приклучи електричната енергија во селото, а доколку нивните барања не беа исполнети најавуваа радикализирање на протестите.

Тие изјавуваа дека електричната енергија намерно им е исклучена и тврдеа дека редовно ги плаќаат сметките кон ЕВН. Завчеравечер протест беше оддржан и пред подружницата на ЕВН во Струга, при што од страна на поголемата група жители од Велешта кои насилно влегле во подружницата во Струга биле искршени прозорци, разбиени врати и била уништена опрема.

Од ЕВН вчера информираа дека без електрична енергија останале 170 домаќинства во Велешта поради дефект на една од трафостаниците поради преоптовареност. При тоа, екипите на ЕВН биле спречени да го санираат дефектот и да го спроведат инцвестициониот проект на тоа напојно место, каде што е планирана целосна реконструкција на мрежата и дислоцирање на броилата, со цел да се подобри снабдувањето и да се среди хаосот кој го предизвикуваат несовесните корисници. Ос таму нагалсија дека на спорната трафостаница биле регистрирани кражби на струја од 50 до 60 отсто и дека поради тоа во снабдувањето со струја во Велешта се случуваат постојани прекини.

OhridNews