Пет часа траеше средбата на државниот врв на која присуствуваа и претставници на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во врска со процесот за решавање на пробпемот со уставното име на земјата што го има нашиот јужен сосед.

Овој процес бара инклузивност, посветеност и политичка одговороност со цел градење национален консензус во Република Македонија. Со решавањето на билатералниот спор кој трае 25 години имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ. За да ги оствариме овие цели неопходна е вклученост на Владата, опозицијата, Претседателот на државата, како и навремено и објективно информирање на граѓаните на Македонија. За тоа е потребна политичка волја и храброст од наша страна, но решение е можно доколку таква политичка волја постои и на грчката страна. Интеграцијата, заедно со реформите и економските мерки се клучни за подобар живот на сите граѓани во Република Македонија. Им го должиме тоа на граѓаните и затоа ние, како Влада на Република Македонија ќе продолжиме да разговараме со сите политички чинители дома, како и со политичките претставници на Република Грција. – истакна по средбата премиерот Заев, изразувајќи оптимизам дека е можно решение на деценискиот спор со Грција.

На средбата што се одржа во Скопје на иницијатива на Министерството за надворешни работи присуствуваа премиерот Зоран Заев, претседателот Ѓорѓе Иванов, министерот за надворешни работи Никола Димитров и лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

OhridNews