Македонската ракометна репрезентација Европското првенство во Данска го заврши на десеттото место. Свое видување за целокупниот проект ЕП имаше селекторот Ивица Обрван, кој не штедеше зборови за бекот на Металург, Филип Миркуловски.


– Миркуловски е злато вреден за оваа репрезентација. Тој на ЕП одигра дури и подобро од своите моментални можности, прикажувајќи ја својата најдобра партија против светскиот шампион – Шпанија. Факт е дека и тој имаше проблеми со повредата на коленото пред првенството во Данска, поради што имаше и операција. Но со обезбедување кондициски тренер паралелно со тоа што тој го работеше во својот клуб, направивме напор да го доведеме до максимална подготвеност кога за тоа беше најпотребно. Филип е пример како се бранат боите на Македонија. Тој е врвен професионалец и вистински репрезентативец и навистина ми беше задоволство да соработувам со него – рече Обрван.


Хрватскиот стратег на македонската клупа не ги заборави и капитенот Кирил Лазаров, голманот Борко Ристовски и Стојанче Стоилов кои заедно со Миркуловски беа најдобрите играчи на ЕП.

– Лазаров и Ристовски беа вистиски лидери и играчи кои го понесоа товарот на ЕП и заслужуваат пофалба за тоа. Но, би сакал да го потенцирам и истакнам и Стоилов, во кого добивме искличително важен играч. Без разлика што во својот клуб игра релативно малку со оглед на големата конкуренција и тактичките замисли, Стојанче се профилира во ракометар кој игра во двата правци и кој мене како селектор ми дава доверба. Згора на тоа, тој се наоѓа во години во кои може многу даде и од него очекувам многу во идните репрезентативни акции – заврши Обрван, а пренесува „Мкд.мк“.

Македонската ракометна селекција ќе може да го продолжи трендот за учества на големи натпреварувања ако во баражот за мундијалот во Катар 2015 година ја елиминира репрезентацијата на Грција.

Ohridnews