Денеска мисиите на ОБСЕ и ОДИХР дадоа оценка дека изборниот ден минал во сенка на предизборниот период, во кој не биле исполнети важните обврски.

„Во предизборниот период не се исполнија важните обврски кон ОБСЕ, вклучувајќи ја одделеноста на државата од партијата, обезбедување рамномерни услови за натпревар, неутралноста на медиумите, точноста на избирачкиот список и можноста за поплаки и исправање на неправилностите преку делотворна процедура за поплаки. Сево ова, за жал, го засени изборниот ден, којшто ги исполни обврските и којшто беше во уредна и мирна атмосфера”, изјави шефот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Хинрих-Аренс.
 
Слична порака упати и шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Штефан Шенах, според кој изборите се одвивале ефикасно, но изборниот процес не придонел за намалување на тензиите во рамките на етничките заедници и меѓу нив.
 
Запрашани за најавите на опозицијата дека нема да ги признае изборните резултати и дека ќе следи бојкот на институциите, членовите на мисиите на ОБСЕ/ОДИХР со порака дека бојкотот никогаш не е добар демократски инстриумент.
 
„Партиите сами треба да одлучат каков ќе биде нивниот пристап, можам да кажам дека бојкотот не е добар демократски инструмент, не придонесува за напредок на земјата. Се чини дека постојат неколку стратешки интереси кои се заеднички за сите, а тоа се членството во ЕУ и НАТО и мислам дека околу тие интереси треба да се разберат партиите и од власта и од опозицијата, мора да се најде политички начин за да се придвижи земјата напред. Секогаш е должност на опозицијата да ја контролира власта и да покаже подобри начини за да се направат некои работи”, изјави Специјалниот координатор на мисијата за краткорочни набљудувачи, Кристин Мутонен.
 
Шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Изабел Сантос, пак, смета дека токму заедничките точки на интерес на партиите треба да придонесат за стабилноста на земјата и сите политички актери во земјата треба да се посветат на нивното спроведување.
 
„Демократијата е патека на која започнувате да одите, но тој пат никогаш не завршува, демократијата е секојдневна работа. Јасно е дека нема демократија без опозиција и без опозиција во парламентот, во срцето на демократијата и во народниот дом. Процесот на демократија не се состои само од она што се случува на изборниот ден, туку многу е важно она што се случува по изборите. Се чини дека има одредени заеднички точки околу кои постои конвергенција и сметам дека е најважно партиите да се договорат околу она што ја сочинува таа конвергенција, пред сé, важна е стабилноста на земјата, сите одговорни политички актери мораат да разберат дека стабилноста на земјата е најважен императив. Пред сé, мора да се размисли за тоа кој е заедничкиот интерес, а тука мислам на интересот на народот на Македонија, затоа и овој мој апел е упатен до сите, и до политичките партии и медиумите и невладините организации и до целиот народ на Македонија”, рече Сантос.
 
Сеопфатниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР ќе биде објави два месеца по завршувањето на изборниот процес и ќе вклучува препораки за потенцијални подобрувања.

OhridNews

извор: „Макфакс“