На 38. Поетска ноќ во Велестово ќе настапат дваесетина поети, музичари и уметници од шест земји (Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија). Програмата ќе започне на 21 август во 21 часот во Велестово со поетскиот портрет на Јовица Ивановски, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува „Имаго“ ‒ интернационално поетско читање, на кое ќе настапат поетите од странство.

Истата вечер, од 22:30 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе биде отворена и изложбата на акварели на Ивана Настески под наслов „Флора“.

Следните два дена ќе се одржат книжевни промоции на пет стихозбирки од: Павле Горановиќ од Црна Гора, Томица Бајсиќ од Хрватска, Звонко Карановиќ од Србија, Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска и Вероника Димоска од Македонија, како и уште две интернационални поетски читања „Мозаик“, едното во Охрид во „Лапидариум“, а завршното поетско читање ќе се одржи во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово в недела, на 23 август, на кои, покрај споменатите поети, ќе настапат и Моли Туми од Ирска, Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, како и домашните поети: Викторија Ангеловска, Диме Ратајкоски, Тони Попов, Никола Наумовски, Ива Шајноска, Звонко Димоски, Илко Димитриевски, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.

Во програмата предвиден е и кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија (кавал и електрична гитара), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.

Дизајнот на постерот за годинешното издание на фестивалот е на Андреј Павлов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на Томица Бајсиќ од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и фестивалот „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”) од Загреб.

OhridNews