Охридските фудбалери ги оставија срцето и душата на СРЦ „Билјанини Извори“ за триумф (2-1) во дуелот со Кадино. „Рибарите“, од 9-та минута после исклучувањето на Александар Бакулески играа со фудбалер помалку, но со борбена игра го надополнија неговото отсусво и стигнаа до заслужена победа. Со новите три бодови, Охрид дојде до два поени од втората позиција на табелата, која, пак, води во баражот за влез во Првата лига.

Симоновски (3,5): Нов натпревар и ново сигурно издание на охридскиот голман. Без разлика што прими погодок и не ја заврши полусезоната со „чиста“ мрежа, повторно беше на висина од задачата и ветар во грб на фудбалерите.

Маркоски (3,5) – Цуцули (3,5) – Трпески (3,5): Целиот товар после исклучувањето на Бакулески падна на одбраната. Маркоски беше прекомандуван во средниот ред и буквално царуваше во него, додека Цуцули и Трпески „изгинаа“ на теренот, стигнувајќи ја секоја топка.

Вељаноски (3,5) – Ариф (3,5): Бековите ги имаше на секаде на теренот. Водеа жестоки битки со офанзвивците на Кадино, кои притискаа цело време, а имаа забележителен учинок и во напад.

Ѓорѓиески (3,5) – Алији (3,5): Фудбалерите за врска се претрчаа на дуелот со Кадино. Одбраната делуваше сигурно, но без нивна помош немаше да делува компактно.

Реџепи (4) – (Целески 3,5) – (Бакулески 1,5): Офанзивното трио ја имаше клучната улога во триумфот. Реџепи со два голови го матираше Кадино, Целески директно учествуваше во двата голови, додека од Бакулески кој доби црвен картон почнаа сите возбудувања на теренот. Бакулески имаше опции да направи црвен картон и да го запре противничкиот играч или да го пушти откако му избега и да го загрози голот. Тој ја одбра првата и на крајот испадна добитната, бидејќи Охрид победи и со фудбалер помалку.

Измени:

Ристески (3,5): Со желбата и жарот за игра го крена составот на Охрид. Беше верна сенка на одбраната и нерешлива енигма за противничките фудбалери.

Дишлиевски (3,5): Го замени Целески во финишот и со својот препознатлив стил на игра не дозволи противникот мирно да започне нова акција.

Бочески (3,5): Цврстата рака на Бочески им влеа голема самодоверба на охридските фудбалери, кои возвратија со пожуртвувана играта и фајтерска победа. Екипата добро подготвена физички, а и психички, бидејќи не е лесно да се игра со фудбалер помалку.

Мх.П.
Фото: Бобан Стојаноски

 

Шериф Реџепи: Пресреќен за головите, а посебно за победата

Фајтерски триумф на Охрид