Охридскиот фудбалски клуб го освои целиот плен на дуелот со Вардар Форино од шестата рунда во Втората македонска фудбалска лига-запад победувајќи со минимални 1-0. Творец на победата беше Оливер Дишлиевски кој во вистинско време и место се најде во 18-та минута во натпреварот. За „рибарите“ ова беше втор триумф сезонава, а четврти натпревар во кој го зачуваа својот гол.

Симоновски (3): Охридската „единица“ го задржа доброто ниво и на мечот со Вардар Форино. Сигурен при прекините и секогаш на место при обидите на гостите. Имаше среќа во 52-та минута кога гостинските фудбалери ја погодија стативата.

Вељаноски (3) – Ариф (3): Бековското дуо на Охрид имаше активен натпревар. Вељаноски добро се пробиваше по страна и ги проигруваше соиграчите, додека Ариф имаше неколку добри удари кои за малку не завршија во мрежата на гостите.

Цуцули (3) – Трпески (3): Со исклучок на недоразбирањето во 52-та минута стоперскиот тандем одигра перфектен натпревар. Го неутрализираа офанзивецот на Вардар Форино и не му дозволија да се разигра.

Ѓорѓиески (3,5) – Маркоски (3,5): Младите фудбалери максимално одговорија на предизвикот во средниот ред. На нив падна притисокот да водат „војна“ за секоја топка на теренот. Ѓорѓиески мечот го заврши во средниот ред, додека Маркоски се префрли во одбраната и продолжи со добрите игри.

Кочоски (3) – Дишлиевски (3,5): Капитенот ја стабилизираше формата. Втор натпревар во серија е лидер на екипата. Дишлиевски одличната игра ја капитализираше со погодок. Дишлиевски констатно беше закана за гостите и заслужено е играч на мечот.

Реџепи (3) – Целески (3): Желбата за погодок кај Реџепи и Целески беше голема, но не изостана и борбата. Реџепи беше директен виновник за погодокот на Дишлиевски, додека Целески констатно беше сериозна закана за голот на Вардар Форино.

Измени:

Ристески (3): Во игра влезе во 60-та минута и беше од голема помош за соиграчите во везниот ред. Ги стопираше или пак им правеше проблеми на сите ветувачки акции од гостинските фудбалери.

Наумоски (3): Добие нешто повеќе од 10 минути за игра. Ја бараше топката да игра. Еднаш добро се ослоби и недостасуваше удар или пак прецизно додавање.

Бакулески: Влезе во судиското продолжение.

Бочески (3): Ја промени формацијата и мечот го започна со 4-4-2. Таквата формација донесе поголем простор и можност за крилата. Токму едно од двете крила (Дишлиевски) го постигна победничкиот погодок. Во второто полувреме се врати на 3-5-2 и неговите избраници ја задржаа минималната предност.

Мх.П.

 

Втора МФЛ: Минимален, но значаен триумф на Охрид