Согласно одлуката на Владата донесена пред пет години, од 1 јули до 31 август пловидбата на скутерите на Охридското Езерои и на другите природни езера, ќе биде ограничена во периодот од 11 до 19 часот.

Од Капетанијата на пристаништата во Охрид велат дека постои оправданост за ваквата рестриктивна мерка.

-Мерката е оправдана во секој случај, се подигнува безбедноста на пловидбата, затоа што покрај тоа што се обележаа пловидбените патишта евидентно беше непочитувањето на сообраќајните правила и во оној дел од денот кога беше дозволено управување со скутерите.  Мерката треба да продолжи затоа што нивото на наутичка култура кај лицата кои управуваат скутери се уште е многу ниско.  – изјави Горан Устијаноски – раководител на Капетанијата на пристаништа Охрид.

Покрај за скутерите, кои во евиденцијата на Капетанијата ги има околу 50, ограничување во пловидбата ќе има и за кајчињата, освен за тие кои вршат такси служба. Останатите не смеат да пловат во времето од 21 до 5 часот наутро. Од Капетанијата на пристаништата велат дека и ова лето инспекциските служби постојано ќе бидат на терен и ќе го контролираат водниот сообраќај.

-Очекуваме свесност и совесност и од тие што управуваат со пловни објекти, да имаат технички исправни пловни објекти и уверенија за нивно управување. – додаде Устијаноски. 

Во регистарот на Капетанијата на пристаништата евидентирани се 2000 пловни објекти, од кои само половина се во употреба. 

Г.М.