Од 27 март ќе почне да сообраќа редовната авиолинија Софија – Скопје. Цената на билетот треба да ја одреди сопственикот на компанијата „Гуливер“ со чии авиони ќе се реализираат летовите.
Претставниците на скопскиот и софискиот аеродром денеска во Скопје имаа средба со сопствeникот на „Гуливер“ на која присуствуваа и министрите за транспорт и врски на Северна Македонија и Бугарија, Благој Бочварски и Николај Сабев. Како што изјавија Бочварски и Сабев по средбата, двата аеродрома ќе поддржат програма за стимулирање нови летови за авиолинијата Софија – Скопје да не трае само шест месеци како што било во периодот меѓу 2007 и 2009 година.
Министрите најавија и дека се водат разговори за воведување летови од Софија до Охрид и од Варна и Бургаз до Скопје и до Охрид.
Заради тоа што гледаме напред, гледаме кон иднината. Гледам дека имаме пријателски расположени најпрвин влади, министри, министерства, тур-оператори од двете земји. Гледам дека и граѓаните имаат можност и бараат да има подобро поврзување помеѓу двете земји до нашите туристички центри, но и до нашите главни градови. Од страна на тур-операторите дојдоа многу интересни предлози на состанокот и верувам дека во наредниот период тие предлози ќе се преточат кон конечна реализација за да може оваа мрежа на транспортот да конечно ја развиеме уште посилно и уште подобро во целиот Балкан, рече Бочварски, одговорајќи на новинарско прашање.
Според Сабев, сега зборот го имаат туроператорите. Уверени сме дека моделот што го создаваме треба да има економска смисла и за нас е голема радост да соопштиме за тристраната средба меѓу аеродромите на Скопје и Софија со сопственикот на компанијата „Гуливер“, рече Сабев.
По оваа средба најавија дека постигнале договор двата аеродрома да поддржат програма за стимулирање на нови летови Софија – Скопје и нејзино продолжување, рече бугарскиот министер.
OhridNews














