Од денес авиокомпанијата Wizz Air ќе лета од Катовице до Охрид. Според најавите авикомпанијата ќе сообраќа секој вторник и сабота (пристигнување: 20:45 часот; поаѓање: 9:20 часот), додека помеѓу 23 јули и 10 септември авиокомпанијата ќе сообраќа 3 пати неделно – додавајќи го секој четврток (пристигнување: 13:30 часот; поаѓање: 14:05 часот).

Новите линии од Вроцлав и Катовице до aеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид претставуваат силен поттик за понатамошен развој на туризмот во Охрид, како и за продлабочување на економските и културните врски меѓу Македонија и Полска, рече генерален директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, при пречекот на првите полски туристи од Вроцлав во неделата.

Новата линија од Охрид до Вроцлав сообраќа двапати неделно, секоја среда и недела (пристигнување 7:55 часот; поаѓање: 8:30 часот).

Очекувањата се овие дестинации значително да придонесат за зголемување на бројот на посетители и за подобрување на видливоста на Охрид на европската туристичка мапа.

Авиокомпанијата Wizz Air моментално опслужува летови од аеродромот во Охрид до осум дестинации, вклучувајќи ги и двете нови рути: Вроцлав, Катовице, Дортмунд, Меминген/Минхен, Базел-Милуз, Штутгарт, Милано-Малпенса и Братислава.

На охридскиот аеродром вчера беше пречекан и првиот сезонски лет од Белград со Air Serbia. Во текот на летниот распоред на летови, 8 авиокомпании ќе опслужуваат летови до 17 дестинации од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид. Од нив, 14 се редовни и сезонски авиолинии, додека три се чартер-летови.

OhridNews