Одлуката Охридскиот регион засега да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност не ги повлекува забелешките на УНЕСКО, ниту ги одложува итните мерки што треба да ги преземат Македонија и Албанија.

По дополнителниот рок што двете држави го добија на 48. седница на Комитетот за светско наследство во Бусан, во фокусот останува спроведувањето на конкретните обврски за запирање на натамошната деградација на природните и културните вредности на Охридскиот регион.

Во извештајот на Центарот за светско наследство и Советодавните тела се оценува дека напредокот во реализацијата на претходните одлуки и препораките од мониторинг-мисиите останува ограничен, а регионот и натаму е во високо ранлива состојба. Затоа од институциите се бара да покажат суштински и мерливи резултати, а не само да подготвуваат планови и законски решенија.

Една од клучните обврски за Северна Македонија е систематско утврдување на влијанието на бесправно изградените објекти врз заштитеното подрачје. Таму каде што е потребно, УНЕСКО бара да се преземат мерки и за нивно отстранување.

Истовремено, треба да се забрзаат генералните урбанистички планови за Охрид и Струга и просторните планови за неизградените подрачја. Планската документација треба целосно да биде усогласена со исклучителната универзална вредност на регионот.

До изработката на сеопфатна Стратешка оцена на животната средина, се бара да не се одобруваат урбанистички и развојни решенија што би можеле негативно да влијаат врз заштитените вредности. Оцената треба да ги опфати кумулативните влијанија од инфраструктурните, туристичките и другите развојни проекти на целото прекугранично подрачје.

Посебна загриженост во документот е изразена поради комплексот „Горица 3“, поради неговиот обем и можните влијанија врз исклучителната универзална вредност. УНЕСКО бара развојните активности со потенцијално негативно влијание да бидат запрени до завршување на потребните процени.

Меѓу приоритетните обврски остануваат и прогласувањето на Охридското Езеро за Споменик на природата и на Студенчишкото Блато за Парк на природата. УНЕСКО констатира дека овие постапки, иако најавувани, сè уште не се целосно завршени.

За Националниот парк „Галичица“ се бара да се заврши ревизијата на зонирањето, да се спроведува Планот за управување со посетители, да се зајакне ренџерската служба и строго да се регулира користењето теренски моторни возила.

 

Значаен дел од обврските се однесува и на отпадот и отпадните води. Двете држави треба да обезбедат финансирање и да ја забрзаат изградбата на клучната инфраструктура. Во македонскиот дел посебно се посочува доцнењето на колекторскиот систем во Струга, додека загадувањето и натаму претставува ризик за езерскиот екосистем.

За железничкиот Коридор VIII, Северна Македонија и Албанија треба да ги разгледаат можните алтернативни траси и пред носење тешко реверзибилни одлуки да ги достават физибилити студиите и процените на влијанијата до Центарот за светско наследство.

Од Албанија, меѓу другото, се бара да одговори на развојните притисоци во Поградец, Тушемишта, Дрилон и Лин и да обезбеди дека големите туристички и инфраструктурни проекти нема да ја нарушат природната и културната вредност на прекуграничното добро.

 

Двете држави треба да воспостават и единствена рамка за корективните мерки, со јасни надлежности, временски рокови, индикатори и очекувани резултати. Нејзината реализација ќе се проверува преку заеднички извештаи и нова реактивна мониторинг-мисија на УНЕСКО и Советодавните тела.

Оттука, продолжувањето на рокот не значи дека случајот е затворен. Предмет на контрола ќе бидат конкретните резултати: дали се отстрануваат бесправни објекти, дали плановите се усогласени со режимот на заштита, дали се запираат штетните проекти, дали се подобрува управувањето со отпадните води и дали Северна Македонија и Албанија воспоставиле ефикасно прекугранично управување.

Доколку не биде утврден суштински и мерлив напредок, прашањето за впишување на Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност останува отворено.

Г.М.