Еден од најголемите европски кошаркарски проекти во последните години доживува драматичен пад. Францускиот шампион Монако, кој пред само една година играше во финалето на Евролигата, поради сериозни финансиски проблеми остана без место во професионалната француска кошарка, а сега не доби дозвола за настап ниту во третата лига – Nationale Masculine 1 (NM1).

Федералното биро на Француската кошаркарска федерација – FFBB, на состанокот одржан на 12 септември, го следеше негативното мислење на Комисијата за финансиска контрола и не ја одобри регистрацијата на Монако во NM1 за сезоната 2026/27. Причината повторно се недоволните гаранции за реалноста и веродостојноста на финансиската состојба на клубот.

Тоа е последниот удар во повеќемесечната финансиска и административна криза на Монако.

Монако претходно не доби дозвола за настап во Betclic Élite, најсилната француска лига, ниту во второлигашката Élite 2. Одлуката на финансиското контролно тело DNCCG беше потврдена и во жалбената постапка пред FFBB, а клубот не успеа да го промени исходот ниту преку Францускиот национален олимписки и спортски комитет – CNOSF.

Откако остана без место во двете професионални лиги, Монако на почетокот на септември поднесе барање да ја продолжи сезоната во NM1, третото ниво во францускиот кошаркарски систем. Но, ниту тој обид не успеа. Монако го нема меѓу екипите во официјалниот распоред на FFBB за NM1, чија сезона започнува на 18 септември.

Падот е неверојатен ако се погледнат резултатите што клубот ги остваруваше до неодамна. Монако во 2021 година го освои Еврокупот, а потоа пет сезони по ред настапуваше во плејофот на Евролигата. Врвот го достигна во 2025 година, кога се пласира во финалето на Евролигата во Абу Даби, каде што загуби од Фенербахче со 70:81.

Минатата сезона клубот ја загуби и евролигашката позиција, а потоа остана и без учество во Еврокупот. Организаторот на натпреварувањето го исклучи Монако откако клубот повеќе не ги исполнуваше условите за настап, а неговото место го доби Босна Сараево.

Сето ова се случува со клуб кој на теренот до неодамна беше на самиот врв. Монако е актуелен француски шампион, но спортските резултати не беа доволни да ги надминат финансиските проблеми и барањата на француските контролни институции.

По најновата одлука на FFBB, неизвесно е на кое ниво и во каква форма ќе продолжи сениорскиот проект на Монако. Она што е извесно е дека клубот кој пред само 16 месеци играше за титулата европски првак, во сезоната 2026/27 нема да биде дел од првите три ранга на француската кошарка.

OhridNews