Уште од многу одамна, месото како прехранбен продукт претставува незаменлив дел од секојдневната македонска трпеза. Но колку граѓаните го препознаваат квалитетот на месото што го купуваат?

Охриѓани не се доволно запознаени со новиот Правилник за квалитет на месо, кој веќе од идниот месец треба да стапи во сила. Повеќето продажни објекти кои продаваат месо во градот, воопшто не чуле за измените во законот, според кој потребна ќе биде декларација за земјата на потекло, рокот на траење и местото на обработка на продуктот.

Новината е што месото треба да биде соодветно декларирано. Веќе нема да може да се продава рефус, без потрошувачот да знае што има во него. Ново е и тоа што нема да може, месарниците  однапред да го приготвуваат месото и така да стои во излозите за продажба.“ – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

Според измените, меленото месо ќе мора да се сомеле пред очите на муштериите. Тоа нема да смее да стои сомелено за продажба, без при тоа да не се знае што има во него. „Нормално, потрошувачот ќе може да побара на лице место да се  сомеле месото, а готовите производи ќе може да се прават само во објектите кои имаат одобрување за тоа.“ – додава Рунтески.

Охридските семејства, месото најчесто го купуваат еднаш до двапати во месецот. Околу три килограми месни производи, просечно се приготвуваат кај едно четиричлено семејство во текот  на месецот. Дел од граѓаните не се задоволни со квалитетот на она што се нуди од месарите, а повеќето сметаат дека со  новите измени ќе конзумираат она за што платиле.

Месото е незаменлив дел од македонската трпеза. Го приготвуваме во традиционалните манџи. Поради слабиот квалитет , меленото месо ретко го користиме. Доколку новиот правилник започне да се применува и во пракса, тогаш со сигурност дека граѓаните ќе бидат задоволни. Но ме плаши фактот, што може да поскапи месото. Знаете какви се тие работи.“ – вели еден повозрасен охриѓанец.

Доколку месото е увезено, на декларацијата треба да  пишува каде е родено, одгледано и заклано животното. Исто така, треба да биде назначен кодот на земјата од каде што доаѓа, како и бројот на кланицата.

O.T.