Поранешната текстилна фабрика „Отекс“ Охрид, која со години не работи, се уште е на врвот на листата на должници за неплатен ДДВ кон државата. „Отекс“ според податоците што ги објави Управата за јавни приходи – УЈП, за ДДВ должи 670,233,232 денари. Фирмата има и неплатен данок на добивка од 705,102 денари, или вкупно на име даноци државата од „Отекс“ побарува 670,936,334 денари.

Имотот на „Отекс“ е распродаден. Останаа само големите долгови кон државата и работниците на кои не им се исплатени лични примања, но и придонеси за повеќе години.

На листата должници на УЈП следи државното претпријатие „Македонија пат“, кое за ДДВ должи 411,910,930 денари, а во врвот е и МРТВ.

На листата на должници за неплатен данок има и јавни претпријатија, единици на локалната самоуправа, спортски клубови и приватни фирми, меѓу кои и многу од Охрид.

Г.М.