Од следната година ќе почнат да се применуваат мерките за ослободување од плаќање надомест за престој на деца од самохрани родители во охридската градинка, како и субвенционирање за деца чии родители се социјални случаи. Ова беше посочено на вчерашната одржана 12. седница на Советот на Општина Охрид на која воедно беше и одбиена иницијативата на советничката од Левица, Виолета Аврамоска, за „Една членарина по семејство“ за престој во детските градинки.
Во моментов во Секторот за јавни дејности имаат задача да направат проекција за следниот буџет во рамки на кој ќе биде опфатена иницијатива на советничката Аврамоска по однос на самохрани родители – ослободување од плаќање на надоместок во градинката за дечиња коишто се таму, а родителите се самохрани. Исто така, имаат задача да направат проекција за од следната година да почнеме со субвенционирање на деца што се во градинка, чии родители се социјални случаи, со одреден надоместок. Овие две работи ќе почнат од следната година. Субвенционирањето најверојатно ќе оди во онаа одлука што ја носиме за субвенционирање на сметките, тука ќе ја ставиме и оваа точка. А по однос на она што беше претходно иницијатива за самохрани родители, таа ќе биде прифатена и ќе биде значи од следната година реализирана, рече секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
Воедно, додаде дека иницијативата „Една членарина по семејство“ за престој во детските градинки не се прифаќа.

Доколку две деца од исто семејство истовремено посетуваат јавна градинка, родителите плаќаат само една месечна членарина. Доколку три деца истовремено посетуваат јавна градинка, повторно се плаќа само една месечна членарина. Мерката би важела само за периодот во кој децата истовремено престојуваат во градинка. Кога едното дете ќе престане да посетува градинка, семејството повторно плаќа една редовна членарина за помалото дете, образложи Аврамоска, додавајќи дека со оваа мерка значително би се намалиле трошоците за младите семејства, а истата ќе значи и финансиска поддршка за семејствата што имаат повеќе деца, поттик за зголемување на наталитетот, поголема социјална сигурност за родителите, како и задржување на младите семејства во Охрид.
Средствата, дообјасни, што ќе недостигаат поради оваа мерка ќе треба да се обезбедат од буџетот на Општина Охрид како директна поддршка за семејствата и децата.
Н.С.Ј.











