Од утре, 15 мај, влегуваат во оптек полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари, со што книжните банкноти во истата апоенска вредност веќе нема да бидат законско средство за плаќање. Но, доколку ги поседувате и на 15 мај, нив ќе можете бесплатно да ги замените за други банкноти или ковани пари во еквивалентен износ. При замената не мора да добиете исклучиво полимерни банкноти, туку може да добиете и ковани пари или, пак, книжни банкноти со апоенска вредност поголема од 50 денари доколку вкупниот износ на вашите книжни банкноти е најмалку 100 денари, информираа од НБРМ.

Од 15 мај годинава до 15 мај следната година, ќе можете да ја извршите замената во деловните банки во Република Македонија. Доколку и по 15 мај следната година поседувате книжни банкноти во апоенска вредност од 10 или 50 денари, ќе можете да ја извршите замената исклучиво во Народната банка на Република Македонија.
И по 15 мај годинава, кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари ќе бидат во оптек, со што и натаму се законско средство за плаќање во Република Македонија. Тоа значи дека и натаму ќе можете да ги користите и за нив не треба да вршите замена за банкноти или ковани пари во еквивалентен износ.

Полимерните банкноти претставуваат платежно средство коешто може да се користи за готовински плаќања, исто како и сите други банкноти. Оттука, со нив ќе можете да вршите и готовински плаќања преку автоматите за наплата, откако фирмите коишто ги инсталираат овие автомати во Република Македонија ќе ги приспособат нивните софтвери за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

OhridNews