Влегуваме во завршна фаза на пописот. Остануваат уште 4 дена за завршување на најголемата статистичка операција во државата, а од вчера е почнато и попишувањето во просториите на Реонската пописна комисија во Охрид вели вели Станко Стојаноски, координатор на Регионално одделение за статистика Охрид и државен инструктор.

Од вчера во просториите на Реонската пописна комисија, која се наоѓа во зградата на општина Охрид, граѓаните кои од различни причини не биле пронајдени од попишувачите и оние кои наредните денови нема да бидат во своите станови, можат да дојдат и да се попишат, додава Стојаноски.

Граѓаните своето доаѓање за попис во зградата на општина Охрид, треба да го најават на тел. 070/944-576, како би се избегнала непотребна гужва и губење на време.

Напоменувам дека ова важи само за лица каде попишувачот веќе поминал и оние кои наредните денови нема да бидат присутни тука. Во меѓувреме попишувањето на терен е со зголемен интензитет и очекуваме пописот да заврши во предвидениот рок, додава Стојаноски.

Инаку, заклучно со вчерашниот ден во пописниот реон 22, кој ги опфаќа општините Охрид и Дебрца, попишани се 42 000 лица, 15 000 станови и 25 000 домаќинства.

Н.С.Ј.