Од отварањето на гласачките места, до сега регистрирани се четири инциденти, а сторителите се веднаш приведени во полициска станица, информираше портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на прес конференција.

  • На гласачкото место во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје, К.Ж. (22) го нарушил јавниот ред и мир со тоа што навредувал граѓани и физички нападнал полициски службеници. К.Ж. е приведен во ПС Аеродром. Пријавен е и случај од страна на 80- годишен маж од Зубовце-Гостивар, кој пријавил дека бил навредуван во врска со референдумот од страна на 64-годишната С.М. С.М. е повикана во полициска станица и се работи на расчистување на случајот- рече Ангеловски.

Во Струга од зграда во близина на избирачко место во ОУ “Браќа Миладиновци“  на ул.“Јован Стефаноски-Риле“, пријавено е фотографирање со мобилен телефон од тераса на која биле неколку лица.

  • Веднаш се преземени мерки и лицата се однесени во струшката Полициска станица и во координација со јавното обвинителство се работи на расчистување на случајот, рече Ангеловски.

На гласачкото место во ОУ Ванчо Прке во Штип, лице пријавило дека при достава на храна на избирачкиот одбор било фотографирано и навредувано од лицето кое по настанот е однесено во полициска станица во Штип и се работи на расчистување на случајот.

  • Ги повикуваме граѓаните да ги почитуваат законите и да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир и било какво нарушување на тајноста на гласањето. Било какво однесување спротивно на законите МВР нема да толерира и веднаш ќе постапи согласно законите, се со цел граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата граѓанска волја, рече Ангеловски.