Со свечена академија, беше одбележан Патронот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“. На академијата свое обраќање имаше Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов кој порача дека е потребно образованието да се прилагоди кон современата наука да се инвестира во истражувањето и развојот, во технолошките паркови како и во софистицираните технологии. Исто така потенцираше дека во изминатите години државата имаше три приоритети, образование, образование и образование.

 

– Овие приоритети дадоа плод. Преку интернетот и новите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат на нашите прсти. Македонските студенти се дел од единствениот европски образовен простор. Се стипендираат студентите кои со своите врвни резултати ќе успеат да се запишат на најпрестижните универзитети во светот. Нашите млади научници се натпреваруваат на светски натпревари и освојуваат награди на меѓународни научни олимпијади, рече претседателот.

 

Ректорот на Универзитетот, Сашо Коруноски во своето обраќање ја потенцираше големината на Свети Климент, чие дело и ден денес се слави.

– Свечените моменти како што е нашата Академија посветена на Патронот се силни моменти на враќање кон самите себеси, на интроспекција, моменти на размислување за изминатиот пат…. Но, истовремено, покрај силната симболика што го придружува настанот, тој истовремено претставува проекција, перспектива за она што следи и убава можност да се запрашаме за некои аспекти на она што треба во иднина да се изоди, изгради, истакна, ректорот Коруновски.

 

Свечената академија на која како претставник на општина Охрид присуствуваше заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев, беше збогатена со културно уметничка програма.

OhridNews