Никогаш во животот не сум напишал писмо до медиум, уште помалку цел свет да го чита, моите мислења сум ги делел со оние со кои лично сум разговарал и тоа било крај. Мојата реакција на напишаното во колумната беше од срце зошто нема да дозволам никој да ме нарече немакедонец нарочито без разлика дали во некој текст има две или три категории на луѓе па ти најди си се кај си. Не, она што треба да престане како навикаа кај нас Македонците е баш тоа, да се категоризираме, да се класифицираме, да се правиме поголеми или помали и слични глупости. Ако за некого лош пример се само оние што му бодат очи бидејќи имал некакво лошо лично искуство, тоа не е автоматски сите се исти како јајца.

Нарочно кога се пишува за нешто за кое се нема ама ни три чисти како е навистина, а уште полошо ако се земаат здраво за готово нечии индивидуални ставови кои никој не знае од која причина се напишани (мислам на разни натписи по интернетов кои и колумнистката ги прочитала) и тие да се пласираат како некој глобален став од типот Е ТАКА Е. Не намеравам со Г-ѓата Чакареска да си играме пинг-понг со писмава без разлика што знам дека размената на мислења е единствениот начин да се дојде до заеднички став или да се испере некоја заблуда.
И немојте да мислите дека пишувањето мое беше против Вас, никако, тоа беше само една реакција на нешто што сметам дека е пораширено мислење, а вие само бевте нахрабра јавно да го кажете. А и Господинот Милан тоа самиот го спомна во своето писмо, страв како ке биде прифатен од околината кога ке се врати назад. Мене ми е мило што се покажа дека не бил во право што стравувал и знам дека тие што навистина те сакаат ке те сакаат каде и да си, а за оние кои кога ке им го свртиш грбот ќе речат АБЕ ОСТАЈ ГО, МАФНИ ГО, МУ ТЕЧИТ МЕД И МЛЕКО, ама ич не ми е гајле зошто истите така зборуваат најверојатно и за своите деца. И овдека има луѓе од типот А БЕ ОСТАЈ ГО НЕКА СЕ МАЧИТ, ДА ВИДИТ МЕНЕ КАКО МИ БИЛО.

Пак ќе повторам, И тие во светот и тие во Македонија што себеси се нарекуваат МАКЕДОНЦИ се МАКЕДОНЦИ и точка. Има само добри и лоши луѓе, а таквите таа карактеристика си ја донеле во себе, како ген, а не ја стекнале во странство или во Македонија. Вашиот стрико е еден и тоа што се дешавало е Ваша приватна работа која не ме интересира ниту мене ниту верувам никого.
Можеби ако категоризираме иселеници, би ги поделил на оние што морале да се иселат (протерани) и оние што сами одбрале да се иселат, како што сум јас. За личните причини зошто, лична одлука, последиците секој си ги сноси лично, а за пошироките причини зошто, е тоа треба некој во Македонија да се праша што тоа ги тера младите да си одат. А верувам дека дел од тие причини сеуште и Вие ги чувствувате на Вашиот грб (нажалост). А ако јас сум се решил мојот живот технички да го продолжам некаде на друго тло, тоа не значи дека јас повеќе не сум Македонец. Ако во душата се чувствуваш таков, никој не може да те асимилира, па ако сакаш викај се и РАМБО.

А за чувствата носталгија и патриотизам, тешко со Вас дека ке можеме да полемизираме, зошто прво треба да ги почувствувате, па после да ги опишувате. Патриотизмот знам дека Ви е познат, а верувајте ми е мило што не ви е познато чувството носталгија. А дека тие лугје што таму ги спомнувате се патриоти само затоа што се во таква ситуација нема врска, сите тие се патриоти затоа што си ја сакаат нацијата и државата. А како и каде ке допринесат за неа, не е битно. Битката за Македонија не е само таму, таа се води многу пошироко отколку што сите ние имаме поим. Тоа што тие се во таква состојба со работата или сл. е тоа е нагорчливото прашање што можеби ги натерало илјадници да се откорнат од таму, а на тие што треба да им е гајле, ама БАШ ГИ БОЛИ!

Јас од таму заминав на 37 години. Ја делев прикаската што нажалост сеуште таму се раскажува. Од моите 10 години кои ги работев како вработен во МВР, четири ги поминав баш во Струга, знам како е, нема потреба да објаснувате. Тука мачкам ајвар зошто го сакам, зошто сум Македонец и со ајвар ме ранеле и дома. Кисело млеко…ммммммм, убајна, таратур, хм, хм, хм! Живеев во стан кој ми го поклонаа моите родители и благодарение на ними имав одделено катче каде успеав да создадам здраво семејство, деца на кои сега нарочно сум горд бидејќи тука во школите нижат успеси и се меѓу првите во илјадници. (Без врски, без пријатели. Нешто Ви е ова познато? Пиши му петка заш ке леташ од работа! Е тука нема такви работи.!) И не само тие, многи наши Македончиња стојат на крајот на школската година на бините со грст дипломи, спомнати како Македонци, јавно пред сите. Ги пишува по новини, цела Канада ги знае дека се Македонци. Гордејте се со таквите , гордејте се со сите, немојте да се смеете на оние што им се потсмеваат на к-15 затоа што тие кога дошле во странство, не верувам дека било кој таму имал фрижидер или телевизор, гордејте се и со ними затоа што сите тие се Македонци.

И тие и ние помладите се радуваме кога ке победи некој Македонски спортски тим, плачевме кога загина Тоше, плачеа верувајте и тие што никогаш не чуле за него, стари луѓе кои на некој начин ја почувтвуваа загубата на едно големо Македонско чедо зошто И после 5-60 години се Македонци. Јас не верувам дека било кој таму знае за некој македонец спортиста или било кој што тука е роден и е славен МАКЕДОНЕЦ, ама спрема вас и не треба да го знаете зошто не е роден таму, втора-трета генерација е и се вика поинаку отколку што мислите дека треба да се вика за да е Македонец. Не, верувајте, пак тие се големи Македонци. Еве некој пример : Ед Јовановски, звезда на професионалниот хокеј, член на Канадската репрезентација, моментално игра за Којотите на Феникс, роден во Канада, Македонец, Алек Стојанов, професионален хокеар, роден во Канада, Македонец, Мајкл Илиевски, бизнисмен, сопственик на професионалниот хокеарски тим Црвени Крилја од Детроит, Македонец, Луј Темелковски, Македонски пратеник во Парламентот на Онтарио и ред други за кои и јас немав појма се додека не дојдов тука и се зачудив кога разбрав. Сите тие зборуваат Македонски и се Македонци. Ако се викаат подруго, не се секирајте,  зошто ова е Канада, не е тоа асимилација, тоа е вклопување во тукашните прилики, тие си се пак Македонци. Сакале Вие сватете го тоа или не, ова е друг живот кој мора да се живее, а националното никој не ти го чепка. Дури и го поштува повеќе од некои луѓе во Македонија.

И да не дандарам многи, ние сме во оваа реалност, Вие сте во таа реалност. Ние тука ќе се бориме за Македонија на наш начин во едни битки, Вие ке се борите таму на Ваш начин во други битки, а се со една цел, за Македонија. Вие сте Македонци колку што сме и ние, за тоа ако се расправаме, секако ке ни ја земат државата, не знам други нации да се расправаат на ваква тема. Чувствата ќе си ги разменуваме и раскажуваме, можеби ќе ни биде полесно. Јас го чекам моментот кога во Македонија ќе биде поубаво за живот од било кое место, не за да се вратам, туку за да знам дека битката е завршена, дека сестрами со семејството и сите Македонци конечно ќе си живеат како што доликува.

Јас дали ќе се вратам назад, не знам, како што не ни знаев дека ќе живеам тука, дали тука ќе бидам закопан или таму можеби сега и не е така битно судбината некако е напишана веќе. Знам само едно, дека до последниот здив ќе сум МАКЕДОНЕЦ и никој тоа нема да ми го земе.

Знам дека сите знаете дека во странство има НАШИ, ама верувајте дека ги има повеќе отколку што можéтé да замислите.

Не згрешивте ништо, си го кажавте Вашето мислење, тоа не е зло. Не ме налутивте, само ме натеравте да реагирам на нашто што сметам дека не е така. Ако бев погруб, се извинувам и јас, тие што ме знаат, знаат дека сум малку … попргав.  

Секое добро и на Вас, па во некое друго време ќе си прајме муабет со кафенце во Паноа. А дотогаш, Џими, пиши малку појќе твои колумни, ептен се убај, јас би го рекол истото како и ти, маваш ама баш кај шо требит.

Поздрав од Канада
Никола Р.