Синоќа Охрид повторно покажа дека може, дека во овој град секогаш се слушала најдобрата музика и дека добро селектирана и врвна понуда секогаш успева да допре до публиката. На плажата Cuba Libre од 22:00 часот започнаа да се разлеваат безвременските звуци на музиката која одбележа цели генерации и остави длабок печат во нивната музичка наобразба, но и погледот кон светот. Групата исполни 16 хитови на Pink Floyd, а како и на првиот концерт на „Долни сарај“, настапот беше пропратен и со посебно видео и лајт шоу.

Прецизни, уиграни, со извежбани делници и соло моменти, со „симнати“ многу од карактеристичните Pink Floyd звуци и ефекти, со бравурозниот Анатоли Арнаудоски на гитара, Горан Папаз на саксафон, вокалистот Танески, но и сите останати музичари, направија публиката да замине со насмевка од оваа летна сцена. Музиката на Pink Floyd за многумина е преголем залак, но оваа охридско-струшка „музичка банда“ докажа дека сосема солидно може да се носи и со еден ваков предизвик.

Зад проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd стои екипа од 11 музичари од Охрид и Струга: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (клавијатури), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали.

OhridNews