Синоќа во атарот на црквата „Света Петка“ во село Велгошти се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.

Пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Ристо Николески, кој истакна дека по својата оргиналност и квалитет, богато творештво на Живко Чинго е познато, признато и вреднувано од врвната литературна критика, а неговите дела се преведени и презентирани на многу светски јазици.

  • Многумина рекле дека неговата раскажувачка дарба била огромна, а неговите раскази се полни со емоција и оддаваат впечаток дека се создадени во еден здив. Покрај високата уметничка и културна вредност, неговите романи, драми и раскази, претставуваат едно вистинско историско сведоштво, една хроника за развојот на македонското општество. И во минатото и денес, неговите зборови, неговите пораки имаат универзална смисла и носат една голема општествена тежина, истакна Николески.

Пред присутните говореше и годинешниот добитник на престижната награда „Живко Чинго“ за најдобар расказ Драгана Лукан Николоски, а годинешен беседник за ликот и делото на големиот литературен великан беше Алла Гјенадевна Шешкен. Исто така свое обраќање пред присутните имаше и внукот од син на Живко Чинго,  младиот Емил Чинго.

Во рамки на културно- уметничката програма, настапи познатиот македонски саксофонист, Горан Папаз и Културно –уметничкото друштво „Филиграни“ од село Велгошти.