Новата школска година е на прагот. Таа ни оддалеку нема да биде вообичаена, напротив, ќе биде исклучително невообичаена и неизвесна. Поради актуелната состојба со коронавирусот, најпрвин властите го пролонгираа стартот на учебнната година од 1 септември за 1 октомври, но и натаму постојат многу дилеми околу начинот на кој таа ќе се изведува.
Протоколите што Владата ги усвои на својата прва седница предвидуваат комбиниран модел на настава, во зависност од условите во училиштата.
Комбинираниот модел на настава дава можност во училиштата каде не се исполнети условите предвидени со Протоколите за физичко присуство на учениците, да се реализира учење на далечина, за што забрзано се работи на единствена национална онлајн платформа. Во сите училишта кои ќе обезбедат услови за безбедно физичко присуство на учениците наставата ќе може да почне во објектите. За таа цел, Владата формираше Комисија која ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење дали одредено училиште ги исполнува условите. – објасни неодамна новата министарка за образование и наука Мила Царовска.
Децата од прво до трето одделение ќе ја следат наставата со физичко присуство во просториите во училиштето, но дадено е право на избор за следење на наставата од далечина, со писмено изјаснување на родителите.
Во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење нод далечина, наставникот може додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина, да го сними наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина, да изготви печатени материјали за родителите но исто така може да одржи час и само за учениците кои следат настава од далечина. Проверката на знаењата на учениците ќе се врши со физичко присуство на учениците во училиштето.
Граѓаните, пак, најмалку го преферираат моделот на наставата од далечина, oдносно „online“. Во најголем дел тие се за класична настава со физичко присуство или за комбиниран модел, покажува анкетата што ја спроведе OhridNews за сопствени потреби.
Есента носи многу предизвици вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој повикува на внимателност посочувајќи дека учењето во големи групи во затворени простории може да претставува сериозен здравствен ризик, особено во проблематичните региони каде има голем број активни случаи. Тој е дециден дека таму, како и во училиштата во другите населени места каде класовите се многубројни и недостигаат услови, нема да се дозволи одржување на настава со физичко присуство во повисоките класови, за да се избегнат евентуални несакани последици.
Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот SARS Cov.2 – познат како Ковид 19, наставата во основните и средни училишта и факултетите изминатата пролет се одвиваше без физичко присуство. Откажана беше матурата во средните училишта, а голем дел од факултетите испитите ги реализираа онлајн.
Онлајн наставата, особено во основните и средните училишта, се реализираше со сериозни проблеми и недостатоци. Техничките во најголем дел треба да се отстранат со новата онлајн платформа што ја подготвува факултетот ФИНКИ, а која според најавите треба да биде готова до 20 септември, но останува и натаму проблемот со учениците кои немаат пристап до компјутер и интернет и други отворени прашања на кои се уште јавноста чека одговор.
Веројатно многу работи ќе бидат појасни до 1 октомври, за кога е закажан почетокот на новата учебна година, а повеќе кога таа ќе започне.
OhridNews