ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ се враќа од „Superschools Conference 2026“ со големо признание – наградата „Best Practice“ за проект реализиран во рамки на програмата Superschools, претставен на завршниот настан што се одржа во Златибор, Република Србија

Наградениот проект беше реализиран преку соработка на вкупно 30 ученици од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и Гимназија Обала, под координаторство на професорите Јорданка Недеска Симиџиоска, Љупчо Балески, Аида Требињац и Ирниса Фејзич-Алич.

Преку оваа иницијатива, велат од училиштето, учениците имаа можност да ја истражуваат, документираат и промовираат културната традиција и богатото наследство на двата града.

Во рамки на настанот, ученичката Ангелина Симиџиоска учествуваше на „Superschools Youth Camp 2026“, каде заедно со млади од регионот беше дел од активности насочени кон градење пријателства, интеркултурен дијалог и регионална соработка. Професорката Јорданка Недеска Симиџиоска беше дел и од „Superschools Education Conference 2026“, која ги обедини наставниците, средношколците и претставниците на институции и организации од регионот со заедничка цел – промовирање на мирот, соработката и меѓусебното разбирање меѓу младите, велат од училиштето.

Конференцијата, посочуваат, воедно беше и одбележување на 5 години од програмата Superschools и 10 години од постоењето на Regional Youth Cooperation Office (RYCO).

Ова признание претставува уште една потврда за успешната работа, посветеноста и креативноста на учениците и професорите од нашето училиште во меѓународните образовни проекти, додаваат од училиштето.

Програмата Superschools е кофинансирана од Европската Унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а се реализира во партнерство со GIZ.

OhridNews