Брз и лесен пристап до најразлични услуги од повеќе државни институции. Ова на охриѓани ќе им го нуди Центарот за „Една точка за услуги“ кој наскоро ќе биде отворен на самиот влез во општинската зграда. Се работи за нов концепт во работата на државната администрација, со нова функционалност, каде граѓаните ќе можат на современ начин без шалтери и чекање да добиват услуги на едно место од повеќе институции, појасни министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кој денеска изврши увид на просторот што Општина Охрид го отстапува за канцеларијата „Една точка за услуги“.
Оваа канцеларија ќе служи и како регистрациски пункт каде граѓаните ќе можат да сее регистрираат за користење на електронски услуги, но и да добијат информации како да ги користат истите. Иновативното во овој концепт е тоа што покрај тоа што нема класични шалтери, се воведува нов систем на чекање преку кој системот алармира доколку граѓанинот не бил услужен за десет минути. Тоа значи нов однос на институциите кон граѓаните, рече Манчевски.

Веќе од следниот месец ќе има и електронски упис на дете во градинка, електронски упис во училишта, разни дозволи потребни и на граѓаните, но и на правните субјекти. Овие центри се отвараат за оние луѓе кои не можат да се снајдат со електронските услуги,така што на најлесен начин ќе имаат брз, лесен пристап до услуги без да треба да шетаат по различни шалтери, додаде Манчевски.

Во рамки на посетата на Општина Охрид, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски оствари средба со градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески.
OhridNews












