По најавите на Владата дека ќе набави во 2022 година околу 10 000 дози вакцини против Ковид 19 кои ќе бидат наменети за деца на возраст од 5 до 12 години, прашавме дел од нашите сограѓани кои се дирекно засегнати со вакцинацијата на деца, каков е нивниот став односно дали би ги вакцинирање своите деца или не и од кои причини.

Одговорите кои ги добивме беа едногласно не, со образложение дека не постојат релевантни информации за евентуалните нус појави кои може да ги предизвикаат кај децата, дека не се доволно истражени и дека нема детално образложение од стручните лице во однос на аплицирање на вакцините кај деца на оваа возраст.

  • Мислам дека не се ефикасни, може заштитуваат на некој начин ама децата сами по себе си создаваат имунитет, младиот организам полесно се бори со секоја инфекција.
  • Против сме за вакцинација на деца на оваа возраст, бидејќи сметаме дека се’ уште не е доволно истражено какви се нус појави може да даде во подоцнежниот развој и живот на децата. Имаме читано многу во оваа насока конкретно за нус појавите, па поради тоа сметаме дека според тоа што досега го знаеме, не е сигурна за децата.
  • Можеби подоцна, да помине извесен период со оглед дека се’ уште е рано да се видат нус појавите кои може да ги предизвика вакцината.
  • Не, не би ги вакцинарала децата, со оглед дека ни јас не сум се’ уште вакцинирана.
  • Одговорот е не за вакцинирање на децата на оваа возраст и покрај тоа што јас и сопругата сме вакцинирани со две дози, сметам дека децата ги изложуваме на ризик без да сме доволно информирани за влијанието на вакцината на детскиот организам.
  • Вакцината не е тестирана и се’ уште не се потврдени нус појави, а со оглед на состојбата прашање е дали воопшто заштитува од вирусот. Не сум вакцинирана ниту јас, нема да дозволам вакцинација ни на моите деца.

Официјално Комитетот за имунизација се’ уште нема препорака за вакцинација на деца од 5 до 12 години против Ковид – 19.

Кај помладите категории на граѓани нема регистрирано нус појави од вакцината за Ковид 19. Нус појави регистрирани се во мал број и тоа се претежно болка и црвенило. Во количината на вакцини за следната година ги вклучивме и децата. Не можеме да претпоставиме колку, но една одредена популација да биде покриена со вакцинација, рече министерот за здравство Венко Филипче во одговор на прашањата за вакцинацијата на децата од 5 до 12 годишна возраст, нус појавите и која категорија на деца би била опфатена.

Н.С.Ј.