1 од 4 жени на глобално ниво, во текот на својот живот преживуваат насилство, но повеќето од жртвите не зборуваат. Со порака на дланка, охриѓанки од градскиот плоштад денес дадоа поддршка кон жртвите на семејно насилство, со цел да се подигне свеста и да се зборува гласно за проблемот кој постои и е реален во општеството.

Секогаш ќе зборуваме за она што е горчлива тема, која што не засега сите, без разлика од која вера, нација, професија сме. Никој не може да каже дека нема насилство. Сите го трпиме насилството особено психичкото кое  што можам да кажам дека е најзастапено и кај нас и насекаде во светот. Нашата заложба е да ја подигнеме свеста кај жените за да покажат дека навистина насилството постои, а од друга страна да се спасат себе си бидејќи жената ги има истите права како и мажите, вели Наде Мартиноска од Женски центар „Бисера“ кој беа дел од денешниот настан во организација на сопругата на бугарскиот амбасадор во земјава, Билјана Ангелова, а со поддршка од Општина Охрид. 

Своевремено, во рамки на женскиот центар „Бисера“ достапен бил СОС телефонот каде жртвите можеле да се обратат и да побараат помош. Поради проблемите со просторот, веќе таа линија не функцинонира, но додека постоела ги открила проблемите и видовите на насилство кои ги преживуваат жените на локално ниво. Најзастапен тип на насилство е психичкото, кое е и најтешко да се докаже, а веќе го има кај сите додава Мартиноска. Како што вели, еден навредлив збор е психичко насилство.

Темата е премногу чувствителна, жените се затворени и многу тешко признаваат дека трпат некаков тип на насилство, но тие линии нам ни помогнаа да им покажеме на сите, дека покрај и негирањето насилството постои. Кај нас на локално ниво, добивме сознание дека психичкото насилство е едно од најголемите, па после физичкото и сексуалното насилство. Ние сеуште одржуваме контакти со жените и за жал насилството зема се поголем замав, додава Мартиноска. 

Како што вели во државава постојат неколку СОС телефони, но потребно е да се воведат линии на локално ниво и шелтер центри за згрижување на жени во нашиот град.

Постојат повеќе видови семејно насилство, меѓу кои најзастапени се физичкото насилство, сексуалното злоупотребување, емоционалното малтретирање, заплашувањето, економско лишување и насилнички закани. Како причина за нарушените семејни односи и зголемените случаи за насилство помеѓу другото се посочува и пандемијата, а и влијанието од економската криза.

На настанот на градскиот плоштад присуствуваа и  претставнички од Здружението на ретки болести „Ретко е да си редок“, Здружение „Опција Охрид“, Црвен Крст- Охрид, претставнички од Општина Охрид и  од  политичките партии.

 

 

K.A.