Ништо од изненадување. Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја забележа деветтата победа оваа сезона во Формула 1 и седма по ред. Холанѓанецот попладнево беше најбрз на трката од Формула 1 шампионатот возена за Големата награда на Унгарија.

Клучниот момент се случи на стартот од трката. Луис Хамилтон кој стартуваше од пол позиција загуби три позиции, Верстапен го презеде водството и не го испушти до самиот крај.

За Верстапен ова е 44 победа во кариерата.

По трката на „Хунгароринг“ Ред Бул постави рекорд со 12 победи во низа (на сите трки во сезоната 2023). До денес Ред Бул беше израмнет со Мекларен кој имаше низа од 11 победи по ред остварена пред 35 години. Тогаш за Мекларен возеа Алан Прост и Аиритон Сена.

Второто место на унгарското Гран при му припадна на Ландо Норис од Мекларен, додека трет трката ја заврши Серхио Перез од Ред Бул.

Освојувачот на пол-позицијата, Луис Хамилтон, трката ја заврши на 4.местото. Бодови освоија уште и (5-10. место): Пјастри, Расел, Леклер, Сајнц, Алонсо и Строл.

Во генералниот пласман Верстапен има дури 110 бодови повеќе од тимскиот колега Перез кој е втор.

Следната трка се вози за Големата награда на Белгија на патеката Спа Франкоршамп.

Од Хунгароринг за Охридњуз:
Анамарија Момироска