Проблеми во нуркањето, презентација на нова опрема, ребридери, презентации на нуркања во странство, длабински нуркања, нуркања на интересни локација низ морињата и океаните, посебни презентации како нуркањето на Ахмед Габр и неговата изјава дадена за конгресот, презентација од подводниот дрон фифиш и други интересни теми беа дел од 4-от Македонски нуркачки конгрес со меѓународно присуство кој денес и утре се одржува во Охрид во организација на Клубот за подводни дејности „Охрид“.
Охрид и Охридското Езеро е нешто што го нема никој и ние сме горди како охриѓани да направиме една база на науркачи од цела Македонија во Охрид. Конгресот прераснa во една традиција на годишни среќавања на сите нуркачи од Македонија, без разлика на кој клуб, на која асоцијација припаѓаат или самостојно нуркаат и го промовира македонското нуркање насекаде низ светот. Од локалната имаме сите години максимална поддршка. Се надевам дека оваа традиција ќе ја продолжиме и натаму, рече во поздравниот говор д-р Горан Балевски од Kлубот за подводни дејности „Охрид“.
Конгресот го отвори градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков кој потенцираше дека Охрид викендов е центар на нуркачката заедница за целиот регион.
Овој настан веќе прераснува во традиција која не само што ги поврзува професионалците и ентузијастите, туку и ја истакнува важноста на нуркањето како спорт генерално, како наука, но и како клучна алка во заштита на нашите водни богатства. Конгресот претставува ретка можност се учи од најдобрите и да се споделат искуства за новите технологии и безбедносните стандарди во нуркањето. Присуството на гости од странство е доказ дека подводниот свет не познава граници и дека Охридското Езеро е светска дестинација што заслужува внимание. Вие, нуркачите, сте најдиректните сведоци на убавината, но и ранливоста на нашите води. Вашата мисија е клучна за зачувување на овој природен биодиверзитет, потенцираше Пецаков.
На конгресот стана збор меѓудругото за стадардите во нуркањето, добивањето сертификат за нуркач, но и возрасната граница која би била соодветна за да стане сертифициран нуркач.
Асоцијациите се сите добри, но многу е важен инструкторот. Бараме тој што ќе нурка со нас да е квалитетен. Порано тешко се стануваше нуркач. Постарите генерации сите се добри нуркачи, новиве генерации што доаѓаат дали асоцијацииве ги намалија стандардите, има мал пад на квалитетот на нуркачите, потенцираше Балевски.
Орце Герасимоски, инструктор во Клубот за подводни дејности „Охрид“ со преку 3000 нуркања на Конгресот се обрати како претставник на ПСС Асоцијацијата (PSS) и говореше за стандардите и курсевите во нуркањето.
ПСС е една од првите нуркачки асоцијации којашто го воведе електронското учење. Електронското учење всушност го заменува се она што го правевме предходно, инструктор, студент, училница. Сето тоа е доведено на минимум со електронското учење. Вие си добивате апликација од асоцијациjата и сите материјали што ги имате за учење и тестови сите ги имате на телефон. Од почетокот кога го промовирав беше малку чудно како ќе функционира, но верувам дека овој нов начин на учење е многу подобар од претходното учење во училница, рече Герасимоски.

Уште една новост е тоа што ги исполнивме условите од наредната година да бидеме Нуркачки центар. Јас се надевам дека ќе го истуркаме тоа што е можно побрзо. Така да не сме само клуб, прераснуваме и во Нуркачки центар, односно школа за учење, нуркање, поддршка, логистика и сè што опфаќа она нуркањето, потенцираше Герасимоски.
Претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка ја потенцираше желбата Сојузот да постои, но не само формално, тука да добие и суштинска вредност.
Би сакал една институција која постои веќе многу долго време да не го изгуби тоа богатство на историски тренд. Меѓутоа, суштината е да ја добие правата вредност за да можеби со помош на сите вас историјата да се запише како историја на поединечни клубови, поранешни и сегашни, меѓутоа, луѓето што поминале низ тоа да бидат на некој начин запишани и ставени дали тоа ќе биде нешто во хартија или електронска форма сега, но да бидат дел од овие форуми на кои што се настапува. Сметам дека основната вредност на Сојузот која ја почувствував тоа е правиот мотив. И јас како претседател, некој кој е колегиум, некој што знае околу тоа што ние треба во такви моменти во коишто се непријатни, меѓутоа се дел од ризикот што го носи нуркањето, да ги понесеме и да кажеме за свесноста на тоа нешто. Не е само ние лично да го понесеме, туку тоа да биде некаква институционална форма која треба да заживее, додаде Бешка.
Инаку, Конгресот има една единствена цел дружење, размена на искуства, унапредување на нуркачкиот спорт во Македонија и зимското нуркање во Охридското Езеро. Во оваа насока утре, тардиционално како и на изминатите Конгреси досега, ќе биде накитена подводната елка кај градското пристаниште со почеток во 10 часот.
4-от Македонски нуркачки конгрес беше посветен на прерано починатиот нуркач од Клубот за подводни дејности „Охрид“, Дејан Костојчиноски.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска
















