Охрид, заедно со Вилавската долина од Словенија, Крф од Грција, Берат од Албанија и две културни области од Романија, во нардните три години ќе биде дел од европскиот Проект за интегриран пристап во управување со културното наследство во Југоисточна Европа (СУСТКУЛТ), што го предводи италијанскиот град Венеција.

Главна цел на проектот “СУСТКУЛТ” е подобрување на ефикасноста на управувањето со наследството, одржлив развој на местата опфатени со проектот преку валоризација на наследство од Југоисточна Европа, раздвижување на локалната економија и туризмот врз основ на поефикасното управување со културното и природното наследство и нивна соодветна промоција, како и зголемување на свеста за значењето на наследството и неговата заштита.


Како дел од проектните активности денеска беше формирано консултативното тело во кое партиципираат претставници на сите релевантни институции, како и субјекти поврзани со заштитата на историското и културното наследство.

Според научната јавност вклучувањето на Охрид во прекуграничниот проект, е корисно и од исклучителна важност, бидејќи тоа е еден од најдобрите начини за уредување и управување со културното наследство.

– Важно е  сега проектот вистински да се спроведе и да добиеме документи кои што утре ќе имаат вредност да бидат имплементирани. Охрид заслужува ваков план и се надевам дека во иднина ќе произлезат вистински, вредни планови кои ќе бидат имплементирани, истакна деканот на Факултетот за туризам и угостителство, Сашо Коруновски.


Тој појасни дека целта на планот е да се изнајдат модалитети за развој, со вклучување на наследството како активен развоен чинител.

– Се што ќе произлезе од проектот ќе биде преточено во конкретни акциски планови. Ако таму бидат зацртани посебни активности во старото градско јадро, општината ќе мора тоа да го спроведе. Доколку проектот предивиди какви било други активности за заштита, тогаш Министерството за култура ќе биде на некој начин обврзано тоа да го спроведе. Тоа е суштината на овој проект, да се предвидат акциите во еден стратешки план, да се издвојат вредностите, да се увидат грешките и да се планираат активности за во иднина, додаде Коруновски.


Директорот на НУ „Завод и музеј – Охрид“, Тања Паскали-Бунташеска смета дека во  минатото имало и одредени грешки кои влијаеле на културното наследство, но според неа никогаш не е доцна  за активности во насока на заштита на огромниот број  објекти со голема културно-историска вредност.

– Во таа насока е и менаџмент-планот за заштита на Охрид, изготвен од страна на министерствата за култура и заштита на животната средина, во кој активно учество има и посебна работна група на охридскиот музеј, кој веќе е испратен до УНЕСКО на одобрување.  Тој план во голема мерка ќе помогне сега, во изработката на овој план, насочен кон заштита на културното наследство во Охрид, рече Паскали.


За имплементација на Проектот од ЕУ се издвоени 1,4 милиони евра, кои ќе ги менаџира носителот на проектните активности Венеција, а дел од средствата ќе добие и општина Охрид за реализација на предвидените активновсти.  Во рамки на проектот ќе биде изготвен менаџмент план за управување со културното наследство, маркетинг стратегија, како и бизнис план за валоризација на исклучителното културно и природно богатство на Охрид. Проектот се очекува да да даде насоки  за одржлив развој, што подразбира соодветна грижа за културното и природното богатство согласно препораките на УНЕСКО, а преку поврзување со другите културни региони во Европа и да придонесе за поголема туристичка промоција на Охрид.

OhridNews