Охрид влезе во мапата на културни дестинации во Европа и пред странските туристи се нуди заеднички со уште неколку значајни културни центри. Ова се првичните резултати на Проектот за интегриран пристап во управување на културното наследство во Југоисточна Европа (СУСТКУЛТ), кој охридската локална самоуправа започна да го спроведува минатата година.
Проектот кој има за цел ја  раздвижи локалната економија и туризмот, освен во Охрид, се спроведува и во Венеција, Вилавската Долина во Словенија, на Крф во Грција, во Берат, Албанија и во две области во Романија. 
Тимови на вклучените културни центри  веќе интензивно работат  на менаџмент-план за управување со културното наследство, маркетинг-стратегија, како и бизнис-план за валоризација на исклучителното културно и природно богатство кое е карактеристично за секој од регионите.
– Туристичките места кои се вклучени во проектот треба да подготват и еден заеднички план за управување со културното и природното наследство со кој би се постигнал еден одржлив развој, со што понатаму би се направила нивна заедничка промоција.  Со останатите учесници во проектот  веќе работиме на тој план, а крајната цел ни е да изготвиме поврзана туристичка понуда на сите културни центри кои  се во проектот, вели Гоце Симоноски, раководител на  Секторот за туризам и локален економски развој, при општина Охрид.
Тој објаснува дека веќе е изработен  посебен веб сајт и мапа на која сите културни центри од проектот се прикажани заедно.
Потенцијалните гости и туристи сега на иста мапа ги наоѓаат сите културни центри кои се дел од проектот со што им се дава едно заедничко и блиско значење на сите,  што е особено значајно за Охрид, бидејќи го подигнува на едно повисоко ниво. На пример доколку некој гостин побара информација за Венеција ќе добие и дополнителни информации за Охрид и обратно, појаснува Симоноски.
Тој очекува, проектот, кој ќе трае три години да даде значаен придонес за културниот туризам во Охрид.
Во нашата визија е предвидено да имаме одржлив развој на Охрид и сите очекуваме да имаме 12 месеци туризам. Значи  очекуваме да направиме едно надминување на овој досегашен начин на туристичко работење, кое се заснова само на летниот период и конечно да успееме да имаме туризам во текот целата година, нагласува Симоноски.
Инаку според светската статистика  и економските анализи, над 40  проценти од туристите кои патуваат низ Светот се заинтересирани за посета на културни центри. 
OhridNews