Советот на Општина Охрид, вчера, со акламација ја усвои информацијата за изработениот Интегриран катастар на загадувачи на животната средина на Општина Охрид. Интегрираниот катастар на загадувачи го изготви еколошкото консултантско друштво „Технолаб“ од Скопје, а Општина Охрид е меѓу првите општини во државата што има ваков катастар.

Според податоците од базата на Интегрираниот катастар на загадувачи на подрачјето на општина Оштид, најголем удел во годишните емисии на сулфур диоксид имаат емисиите од деловните субјекти. Емисиите кои потекнуваат од мобилните извори (возила) имаат најголем удел во во вкупните годишни емисии на јаглерод моноксид, азотни оксиди и испарливи неметански органски соединенија. Во вкупните годишни емисиони количества на цврсти честички најголем удел имаат емитираните цврсти честички од домашните ложишта, стои во заклучокот изведен од добиените испитувања, мерења и емпириски пресметки за нивото и видови на загадување на територијата на општина Охрид.

Интегрираниот катастар на загадувачи има за цел да се добие основна квалитативна и квантитативна база на податоци за состојбата со емиторите и емисијата на загадувачките супстанции во воздухот, водата и почвата, генерираниот отпад и постапувањето со него, заради следење на трендовите на основните индикатори на квалитетот на животната средина во Општина Охрид, како и заради донесување одлуки и решенија на локално ниво.

Базата на податоци и нивото на нивната обработка дава можност овој Катастар да биде динамичен стратешки документ и како таков, заедно со законската регулатива во оваа област да биде инструмент на државната и локалната власт за одржливо управување со животната средина, беше истакнато на презентацијата на Интегрираниот катастар на загадувачи, што го иницира Одделението за заштита на животна средина при локалната самоуправа.

Дополнително, во рамки на европскиот проект „АIRTHINGS за ефикасно користење на новите технологии за чист атмосферски воздух“, што го реализира Министерството за животна средина, Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид есенва постави сензори и филтри на различни локации на јавни институции и домаќинства, за следење на еколошки параметри.

Преку т.н интелигентни сензори за мерење на квалитетот на воздухот, ќе бидат обезбедени релевантни податоци за загадувањето во реално време преку мрежа за формирање на интернет поврзани градови, што на надлежните институции треба да и помогне во носењето на правовремени одлуки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух и заштита на здравјето на населението.

Г.М.