Организирани во туристички групи, со своите друштва или во двојки, младите туристи од земјава и од регионот и ова лето се очекува да бидат најчестите гости на охридската ривиера. Туристичките работници велат дека со разновидната и голема понуда на дневни и ноќни забави, Охрид од година во година се повеќе наликува на црногорската Будва или хрватската Макарска, кои се препознатливи дестинации за младите.
-Концертите на многубројните странски и домашни ѕвезди, дневните и ноќните забави во кафулињата, дискотеките и на плажите, кои веќе по традиција се одржуваат во текот на туристичката сезона, го претвораат Охрид во вистински рај за младите и го позиционираат блиску до она што во регионот претставуваат Будва и Макарска. Но интересно е тоа што во споредба со овие туристички центри, Охрид нуди релативно евтини цени за сместување, храна и пијалоци, што е еден голем плус, вели Александрија Ристиќ, туристички работник од Србија.
И менаџерите на неколку познати угостителски објекти во Охрид, очекуваат дека и ова туристичко лето ќе биде во знакот на младите туристи.
-Вложуваме максимални напори за туристите да бидат задоволни, а мислиме и дека во текот на изминатите лета, до некаде успеавме да изградиме имиџ на туристички центар во кој доминира забавата, велат дел од менаџерите, кои се задолжени за забавната програма низ охридските дискотеки, ноќни клубови и кафулиња.
Дел од сопствениците на угостителските објекти од Охрид сметаат дека за да го достигнеме нивото на атрактивен и забавен туристички центар, како домаќини мора да ја толерираме гласната музика од ноќните забави и концерти.
-Секаде во светот каде што има туризам се живее весело, разиграно и расположено. На пример во Мајами има многу гласна музика, дури и во рестораните каде што се служи храна. Значи во јули и во август, гласната музика и забавата во Охрид не треба да ни пречи и треба да бидеме повеќе ралаксирани и да го прифатиме тоа како нормална појава и да бидеме малку потолерантни кон гостите, вели Славе Келешоски, кој е сопственик на пицеријата „Dj Pizza“.
Според него одлуката на општината за продолжување на работното време на угостителските објекти за време на празниците и во деновите кога има значајни културни случувања во Охрид, значително ќе придонесе за зголемување на прометот.
Туристичките експерти сметаат дека Охрид мора да се профилира како туристичка дестинација.
-Охрид како туристички центар се уште не е профилиран, а треба да се одлучи дали Охрид ќе биде мирна и одржлива туристичка дестинација во која што ќе имаме едно мирно работно време или ќе го претвориме градот во дестинација која што ќе биде бурна, која ќе нуди доста забава и на таков начин ќе ги привлече оние туристи кои сакаат забава во доцните часови и бараат интензивна забава со јасно конципиран план. Сега како што е поставен концептот, профилот, имиџот и стилот на Охрид како туристичка дестинација е доста конфузен, вели д-р Јован Стојаноски професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Тој смета дека откако би се дефинирал профилот на Охрид како туристичка дестинација ќе треба да се направи и едукативна кампања на домашното население, кое ќе треба да придонесе за развој на туристичкиот концеп со својата толерантност.
Е.М













