На свеченост што се одржа во предвечерието на големиот празник, Градот Охрид ги додели највисоките општински признанија, Наградата и Повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“.

Свечената академија во живо се емитуваше на Фејсбук профилот на OhridNews.

Охрид го чествува патронот „Св. Климент Охридски“
Охрид го чествува патронот „Св. Климент Охридски“

По многу минати столетија не избледнува сликата за Св. Климент во нашата меморија. Тој претставува еден од најмаркантните ученици на браќата Кирил и Методиј, чија просветителска мисија ги изведе Македонците и останатите словенски народи на културно цивилизациската сцена на Европа. Цели два века пред Болоњскиот, Климент го основал Првиот словенски универзитет во нашиот Охрид, кој останува жариште на словенската култура и писменост. Давајќи ни ја светлината на писменоста го зацврсти нашиот идентитет и алките на нашиот духовен континуитет. Со тоа Климент одамна покажал дека како народ сме уникатни и свои и тоа никој не може да го оспори. – рече на Свечената академија градоначалникот Пецаков.

Наградата за животно дело „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ за 2021 година се доделува на Љупчо Коцарев, наш познат и признат интелектуалец, научник и актуелен претседател на Македонската академија на науките и уметностите.

Љупчо Коцарев добитник на Наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“

Тој рече дека е почестен што ја добива наградата во Охрид и што таа го носи името на големиот просветител и мислител, патронот на градот, Св. Климент Охридски.

Не можеше на посоодветно место да биде востановена оваа награда, бидејќи токму во Охрид се роди Првата книжевна школа со која почна словенската палеографија и палеославистика, токму поради најпознатиот ученик на Светите Солунски браќа, Св. Климент. –  истакна Коцарев.

Светиклиментова Повелба, Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, годинава едногласно одлучи постхумно да биде доделена на Мишо Јузмески, писател, фотограф, културен и туристички работник. Јузмески остана запаметен и како научен истражувач, публицист и полиглот.  Светиклиментова Повелба е доделена на Гордана Лолеска, активист за правата на лицата со ретки болести, како и на Здружението „Еко – ФАП“  доброволно, противпожарно и хуманитарно здружение.

Свети Климентовите Повелби ги врачи претседателот на Советот Сашо Донев
Свети Климентовите Повелби ги врачи претседателот на Советот Сашо Донев
  • Делата негови доволно зборуваат за се што Мишо Јузмески направи за Охрид, за промоцијата на градот и културните вредности. Неговиот лик и дело ќе продолжи да живее, јас ќе продолжам да ги промовирам неговите книги, спомен собата на А Ден Долард ќе продолжи да живее. – истакна внукот на Јузмески Крсте Пурцов.
Гордана Лолеска добитник на Повелба Св. Климент Охридски
Гордана Лолеска добитник на Повелба Св. Климент Охридски
  • Во знак на почит ова признание го споделувам со волонтерите на Црвениот крст, со спорстките и културните работници и секако со медиумите, благодарение на кои нашата борба го обиколи целиот свет. Оваа Повелба им ја посветувам на сите пациенти со ретки болести. – рече Гордана Лолеска, активист за правата на лицата со ретки болести.
Горан Устијаноски - ЕКО ФАП
Горан Устијаноски – ЕКО ФАП
  • Еко Фап е Охрид, Охрид е Еко Фап. Сметаме дека со нашите активности донесовме едно ново дејствување, нов ветар, и, посакуваме да се раѓаат во разни сфери слични активисти, секој во својата област. –  истакна Горан Устијаноски од Здружението „Еко- ФАП“.

Свеченоста беше збогатена со пригодна културно уметничка програма во рамки на која настапија ученици од ОМУ „Методи Патче“ и актерите од Народниот театар Охрид Павел Маслов и Адријана Билаловиќ Тодороска.

Свечена академија по повод Св. Климент Охридски

Во рамки на чествувањата по повод празникот на патронот на градот, попладнево се одржа музички концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“, а во Центарот за култура Фото клубот Охрид ја отвори традиционалната 23-та изложба со над 50  фотографии од 12 автори.

Чествувањата на „Свети Климент“ продолжуваат утре со поклон  пред моштите на „Свети Климент Охридски“ во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник, во 10.00 часот. Во 11.00 часот ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во дворот на училиштето ООУ „Свети Климент Охридски“.

Споменикот на Св. Климент Охридски во центарот на Охрид
Споменикот на Св. Климент Охридски во центарот на Охрид

На градскиот плоштад, пак, со почеток од 12.00 часот ќе бидат врачени наградите за најдобри поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс кој беше распишан по повод „Свети Климент Охридски“.

Г.М.