Иако угостителските објекти се полни со гости и има поголема раздвиженост низ охридската чаршија и шеталиштето, сеуште не може да се каже дека во нашиот најголем туристички центар започна шпицот на туристичката сезона.

Охридските туристички работници велат дека по традиција туристичкото лето во Охрид започнува во втората половина на јули.

-Најголемиот бран на туристи кои ќе летуваат на охридската ривиера и оваа година се очекува во втората половина на јули и почетокот на август. Веќе имаме резервации за туристи од Србија и од Скопје, а апартманите ни се разервирани до 10-ти август. И во текот на јуни и почетокот на јули имавме гости, но сепак не е како во претходните години, вели еден приватен станоиздавач од Охрид.

Според него, досегашниот метеж во градот се должи на гостите кои престојуваат во викенд-становите, кои со години наназад им се нелојална конкуренција на регистрираните станоиздавачи.

Според она што може да се види на огласите на интернет, цените во приватното сместување низ Охрид се движат од 300 до 400 денари за легло во приватна соба и од 500 до 1.000 денари по лице во приватни доброопремени апартмани. Инаку, изнајмување на еден апартман или стан во централното градско подрачје изнесува од 20 до 60 евра дневно, а луксузните апартмани и оние со поглед на езеро достигнуваат и цени над 100 евра дневно.

-На пример во еден апартман може да се сместат најмалку четворица, апартманот го издавам по 50 евра дневно, што значи дека по лице треба да платат по 12, 5 евра или 125 евра за 10 дена.  Доколку се сместат на пример 6 лица ќе им треба по околу 8,3 евра по лице или 83 евра за 10 дена, појаснува сопственичка на два доброопремени апартмани во Охрид. Таа смета дека апартманското сместување во Охрид не е скапо во однос на опременоста на апартманите.

Во хотелите, цените за ноќевање со појадок се движат од 900 до над 4.000 денари, во зависност од категоријата на хотелот. Поголемиот дел од хотелските капацитети  нудат и попусти за подолг престој.

Во поглед на угостителските цени, туристите кои својот летен одмор планираат да го поминат во Охрид ќе можат сами да изберат дали ќе имаат скапо или евтино летување, бидејќи во градот се нудат цени за сечиј џеб. Во рестораните и кафетериите на пример големо макијато може да се пие по цена од 40 до 80 денари, а соковите и пивото се продаваат од 60 до 120 денари.

-Цената сепак зависи од местоположбата на самиот угостителски објект, поскапи се секако угостителските објекти кои се во централното градско подрачје или покрај езерото, додека пак дел од угостителските објекти во трговскиот центар Амам или на периферните локации во Охрид имаат многу пониски цени, вели Славица Трпческа турист од Тетово.

Таа вели дека и цената на храната зависи од местоположбата на ресторанот.

-Рестораните покрај езеро се доста скапи, но во Охрид има и помали ресторанчиња и угостителски објекти со храна во останатите делови од градот или старата турска чаршија, каде што цените се навистина многу пристапни, а и храната е доста квалитетна, вели Трпческа.

Цените на сладоледот во слаткарниците се движат од 15 до 25 денари од топче, а слатките од 30 денари па нагоре. Цените на печивата во пекарниците и млечните ресторани се движат од 15 до 50 денари , во зависност од местоположбата на продажниот објект.

Доколку туристите се одлучат за сопствено готвење на храна, цените на прехранбените производи низ охридските супермаркети и месарници се речиси исти како и во другите градови, а голем број од нив нудат акции и попусти на одредени продукти. Малку поскапи цени, споредено со другите градови има зелениот пазар во Охрид, но овошјето и зеленчукот имаат многу пониски цени во доброснабдените маркети и приватни зелени пазарчиња.

Доколку не се превезуваат со сопствен автомобил, превозот до плажа со редовните линии на комби и автобус, туристите ќе ги чини од 20 до 60 денари по лице, во зависност од оддалеченоста на плажата. Доколку се превезуваат со такси, цената се одредува паушално во зависност од далечината на плажата или по таксиметар.

Дополнителен трошок на плажите може да бидe изнајмувањето на лежалки кои чинат од 100 до 150 денари, како и користење на паркинг простор на плажите кој најчето се наплаќа по околу 50 денари дневно.

Е.М