Со низа свечености Охрид денеска го одбележува 24 Мај – Денот на сесловенските просветтели Кирил и Методиј. По тој повод делегација на локалната самоуправа, предводена од градоначалникот Јован Стојаноски, претставници на институции, училишта, организации, на дипломатскиот кор и граѓани, положија цвеќе пред споменикот на светителите во центарот на Охрид.

– Светлата трага на светите Кирил и Методиј е културолошка вредност на словенската цивилизација, нејзините контрибуции во културно-образовната иднина и промовирањето на изворот на европската и светска историја. Нивниот космополитски код и национален идентитет е препознаен во ликот на Македонија и македонскиот народ како суштествување на сите културни атрибути во својот историско-културолошки корен и со единствената инспирација на својот прилог во историјата на цивилизациите и човештвото воопшто. – истакна во обраќањето пред присутните градоначалникот Стојаноски. 

Во рамки на чествувањето, градоначалникот Стојаноски им подари книги на најдобрите ученици од основните и средни училишта во градот, кои заедно имаат освоено 255 награди на регионални, државни и меѓународни натпревари. 

OhridNews