Иако туристичките центри од регионот подготвуваат вистински спектакли за  отварање на туристичката сезона,  Охрид најверојатно и годинава нема да организира свечена  манифестацијата, со која ќе го означи почетокот на сезоната ,,Лето 2012’’.

Првиот обид да се организира ваква манифестација беше во 2009 година, кога беше организрана пригодна  програма кај Билјанини извори. Во 2010 година, манифестацијата беше организирана на плоштадот ,,Свети Климент Охридски”, заедно со прославата ,,Денот на Езерото”. Но иако тогаш се најавуваше дека манифастацијатa ќе прерасне во традиционална, лани односно во 2011 година, таа воопшто не се организираше, а како  оправдание беше наведена предизборната кампања за парламентарните избори.


Од Охридската локална самоуправа не можат со точност да потврдат дали за годинава се подготвува ваква манифестација.

-Во текот на наредната недела се очекува да се прецизираат работите околу ова прашање, така што тогаш со точност ќе се знае дали ќе има свеченот по повод отварањето на сезоната, информираат од Општина Охрид.

Од Секторот за турзам и локален економски равој пак неодамна изјавија дека соодветна замена за манифестацијата  ,,Лето 2012 ’’, може да биде ,,Ѓомлезијадата 2012’’ која годинава се организира во селото Скребатно на 23-ти јуни.

Охриѓани сметаат дека доколку Охрид не организира  посебна свеченост за отворање на летната сезона е голем пропуст за сите туристички чинители, но и за имиџот на градот.

– Охрид, како најголем туристички центар, треба да биде препознатлив по некоја манифестација. Свеченостите што се организираа во 2009 и 2010 година беа навистина убави и му доликуваа на градот, вели еден повозрасен охриѓанец.

И туристичките работници сматаат дека ако Охрид не дефинира или осмисли соодветна манифестација за отворање на летната сезона, во иднина може да изгуби многу.

Наместо од година на година Охрид да нуди побогата и поубаво организирана манифестација за отварање на сезоната, ние и годинава на туристите нема да им покажеме ништо интересно. Недопустливо и несериозно е манифестација за која се најавуваше како традиција да се орагнизира само две години и толку, велат од неколку охридски туристички агенции.

Оттаму додаваат дека Охрид мора да црпи искуства од другите туристички центри, кои имаат инвентивни и интересни  идеи односно организираат настани, со кои го привлекуваат вниманието на туристите, пред почетокот на секое лето.

OhridNews