Изразот „вечниот малограѓанин“, во книжевноста не е врзан за еден автор или едно дело. Овој лик постои во речиси сите епохи и токму затоа е вечен. Тоа е симболот на човекот со тесногради погледи, воден исклучиво од лични интереси и конформизам, заедно со стравот од прогресивни размисли, или не дај боже некакви си тамо делувања за општествено добро.

Вечниот малограѓанин го карактеризира недостаток на морално-етичката одговорност, тој обожува исклучиво материјален статус, ги вреднува луѓето според парите и моќта, апсолутно е рамнодушен спрема секое општо добро, се прилагодува кон секој режим и ги презира (со големо „П“) знаењето, науката, културата и особено природата.

Во јужнословенската книжевност мотивот на малограѓанштината го наоѓаме во делата на Нушиќ, Крлежа и Андриќ, низ критика на граѓанското лицемерие, моралната зачмаеност на општеството и провинцијалниот дух, како резултат на долгогодишното разградување на критичката свест и на колективниот морал.

Во светската литература тоа се Молиер кој ја исмејува суетата и Балзак кој го прикажува општеството опседнато со интереси. Густав Флобер во романот „Мадам Бовари“ ги критикува провинциската заспаност и летаргијата, човековата површност и духовната празнина, а Хенрик Ибсен пак во неговото најпознато дело „Непријател на народот“, ни прикажува како малограѓанското мнозинство немилосрдно ја отфрла вистината кога се во прашање сопствените интереси.

Но за жал, вечниот малограѓанин не е само книжевен лик. Тој е современик и на нашето време. Денес го препознаваме во луѓето кои газат по сите правила и норми, ја уништуваат природата без око да им трепне, градат безправно и согласни се во секое време на мито и корупција како тоа да е најнормалната работа на светот.

И да се разбереме. Малограѓанинот не е нужно врзан за мала средина. Човек може да биде роден и во најмалото планинско село, и да биде со широк космополитски ум и високи вредности. Како што може и да е роден на Петтата авенија, и да биде најголемиот малограѓанин со затворен ум кој ја заменил некогашната солидарност и емпатија со современиот индивидуалистички свет и апатија.

Во случајот на градот Охрид, кога таквиот менталитет постанува општествена норма, страда градот, страда езерото и целокупното културно наследство.

Чинам дека најголемиот непријател на еден град, не се ниту поплавите и пожарите, ниту земјотресите, ниту пак забот на времето.

Негов најголем непријател е токму вечниот малограѓанин, оној лик што системски се самосоздава и тоа во сè поголема популација, лик без основно чувство за заедничкото добро, заштита на природата, без чувство за убавина и прогрес, и без никаква одговорност ниту кон овие, ниту кон идните генерации.

Кога таквиот менталитет ќе влезе во спрега со корумпираниот систем, е тогаш се случува сојуз кој го разорува не само просторот туку и душата на градот.

Во тој миг, краткорочниот профит станува далеку поважен од вечноста.

Да се потсетиме. Охрид низ вековите бил симбол на хармонијата помеѓу природата и човекот. Езерото старо некој милион години не е само природно богатство туку жив организам и дел од идентитетот на целото човештво.

Сепак денес пред нашите очи претворено е во жртва на човековата бескрајна алчност.

Секојдневно сме сведоци дека корупцијата го овозможува она што законот го забранува. Градбите без план, без памет и без усул немилосрдно го освојуваат градот, узурпацијата на јавните површини продолжува, бетонот царува, дозволите се штанцаат, а институциите си ќутат.

„Сè е по закон“. Барем ова е штурото толкување на оние кои зад себе ни ги оставаат освоените бетонски трофеи.

И одеднаш, ете ни чудо.

Ниската свест станува погласна од науката, екологијата, архитектурата, урбанистичкото планирање и културата.

И наместо да се разбудиме и да го чуваме тоа што го имаме, ние се однесуваме како природата и езерото да се неисцрпен ресурс што засекогаш ќе ја трпи нашата негрижа.

Банално и излитено е повторувањето дека алармот е на црвено и од користењето на езерската вода за производство на електрична енергија, од депониите, пловилата на фосилни горива и тоа без црни танкови за фекалии, и маслото што се истура за време на пловидбата во длабочините на езерото.

Проекти за одржлив развој, велат дека нема. Како што нема ни субвенции за замена на моторите на нафта со електромотори. За некаков темелен преглед и чистење на пловилата што се носат од разни мориња сè до тука, со цел да се спречи и носењето и на нетипичните микроорганизми, што можат да бидат погубни за живиот свет на езерото, не станува ни збор. Исто како што се ставаат под тепих и природните филтри на езерото, блатните екосистеми над кои никнуваат патеки, разни градби, и други урбанизации во недоглед, за докрајчување на природното блато.

Некогашната гордост и најпрепознатлив симбол на градот, со најопеаната песна на Балканските простори, Билјанините извори, денес се со загадена вода, а каналот Студенчишта е претворен во ремонтен центар каде се стругаат, коваат и фарбаат пловилата.

Заедно со истекот на фекалиите долж езерскиот брег.

Особено во лето под наездата на масовниот туризам.

Вреди да се напомене дека активистите уште пред десетина години, преку јавни расправи успеаја да издејствуваат стопирање на одредени погубни за виталните екосистеми проекти, но денес полека и на мала врата истите проекти сепак се спроведуваат.

Секој потпис за нова градежна дозвола, без фундаментално знаење и упатеност во екологијата, значи и нова девастација на езерото.

Но како на сè ова да се навикнавме.

Се навикнавме и на мешањето на атмосферскиот и канализацискиот излив. И на дивите приклучоци. И на речните сливови со хемија и отпад. И на оној медицинскиот отпад среде град. И на цели патеки од отпад на дното од езерото.

За некаков проект и реализација за ревитализација за колекторот, веќе ниту нешто слушаме, ниту прашуваме.

Живееме со тотално нормализирање на ненормалните морални вредности во потполн молк пред енормното загадување на животната средина.

Точно онака како Ничеовата генеологија на вредноста. „Сè она што се прави спротивно на природата, во свое време, најпрво е грев, а потоа постанува доблест.“

Но некогашните светски симболи Охрид и Охридското езеро, тешко дека се навикнуваат на сè ова. Тие ќе да ја паметат секоја една капка на нашето неодговорно однесување и загадување.

Но ќе паметиме ли ние, што никогаш не сносиме одговорност за ништо?

Ќе ги паметиме ли маките што им ги нанесуваме на градот и езерото?

Или сè уште, купи ден помини, ќе кубуриме со масовката од туристи, што не им е гајле за загадувањето. А и зошто би им било? Кога на нас самите не ни е.

И сето тоа под заштитата на УНЕСКО. За она признание кое секако не е дадено на овој новокомпонираниот загадувачки Охрид туку на оној автентичниот Охрид од 70-тите. Со кристално чиста вода. Со мирис на трендафили. И ред и поредок. Оној со светски препознатливите вредности на кои сè уште бедно се шлепаме и на она некогаш и те како будно чувано наследство.

И знаеме сите нели дека ова наше УНЕСКО признание ни оддалеку не е вечна гаранција туку е огромна обврска.

Она УНЕСКО што со години нè предупредува на неадекватната урбанизација, неадекватното управување со отпадот, загадувањето и притисокот од туризмот што ја загрозуваат универзалната вредност на Охрид.

Прашањето веќе одамна не е дали постои опасност, туку уште колку време и дали воопшто имаме време да ја спречиме. Зошто ене ни ја сликата на Преспа на дофат.

Па што си викате, вака искрено, кога ќе си останете сами….зарем мислите дека некој ќе ви доаѓа за загадено и изумрено езеро и еден тон бетони… или си викате абе ај ништо не му е… големо е ова ….ќе издржи….дај ние додека можеме да ќариме, па после ќе му ја мислиме….

Ќе ја објаснуваме ли нашата сегашна рамнодушност на децата само низ фотографии на „види… некогаш таму имаше едно чисто и здраво езеро“ …или конечно ќе сфатиме дека еден град не се сака само ако од него се зема, туку и кога се дава. И тоа со исконска љубов и со највнимателна грижа кон него.

Комплетниот ресет и надеж треба да се најде во едукацијата на младите. Со всадување на знаење, љубов и грижа кон правите вредности, можеби еден ден ќе станат многу посовесни граѓани од нас. И ќе спасуваат. Или барем она што до тогаш ќе биде останато за спасување.

Зошто судбината на Охрид и езерото нема да ја одреди природата. Ќе ја одредиме ние, луѓето.

А помеѓу овој денешниов ни вечен малограѓанин и одговорниот граѓанин виси само една одлука.

Прашањето е само дали ќе си останеме полусвет со полусвест или конечно ќе станеме општествено одговорни граѓани.

Оние кои точно знаат дека најголемите вредности не можат повторно да се создадат кога еднаш ќе ги снема.

Извинете ме на иронијата…но можеби спрегата на корумпираните и овој нашиот вечниот малограѓанин се спремни, како онаа своевремена антологиска изјава за време на бомбардирањето на Дубровник,…. да изградат и ново езеро.

Поголемо. Поубаво. И се разбира уште постаро.

Енис Хилми
Авторот е писател и новинар

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и нужно не ги отсликува ставовите на редакцијата на OhridNews.