Охрид ќе биде домаќин на Самитот на претседателите од Југоисточна Европа што под покровителство на претседателот Бранко Црвенковски ќе се одржи на 20 април . Темата на самитеот е „Долгорочна енергетска стабилност – предуслов за економски развој“ а ќе учествуваат претседателите на Романија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.
 
На собирот што ќе го отвори Црвенковски, сите шефови на делегации ќе имаат свое обраќање по што ќе усвојат заедничка декларација. Во рамките на самитот ќе се одржат и повеќе билатерални средби на претседателите.

Самитот на претседателите на земјите од ЈИЕ за потребите на долгорочна енергетска стабилност е во контекст и на заложбите на меѓународната заедница за изнаоѓање можности за поголема енергетска ефикасност, како предуслов за економски раст и заштита на животната средина. Ова е трет самит на претседателите на земјите од ЈИЕ. Првиот беше одржан во Драч, Албанија, а вториот во Караѓорѓево, Србија.

Истиот ден во Охрид ќе започне уште еден значаен настан. Во организација на Виенскиот економски форум, како дел од програмата за привлекување странски инвестиции во Македонија, под патронажа на премиерот Никола Груевски, ќе се одржи специјална едиција, средба со потенцијални инвеститори од Австрија.

Г. Момироски