Осма година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја. Во сабота, 25 март, во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 178 земји и 7000 града ширум светот, меѓу кои и Охрид.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени. Поради актуелната ситуација во државата, која за жал има влијание и врз граѓанскиот сектор, оваа година намален интензитетот на акцијата и осветлувањето ќе биде исклучено на одредени локации во Охрид и Скопје, а останатите активности се одложени и ќе се реализираат во тек на годината, информира организаторот.

Во Охрид во мрак ќе потонат Црквата Свети Јован Канео и Самуиловите тврдини. 

– Ме радува фактот што Македонија, како верен партнер на Часот на планетата Земја, и оваа година ќе ги исклучи светилките и ќе се приклучи во фамилијата на преку 178 земји кои ги исклучуваат за оваа акција. – вели Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.

И оваа година Македонија доби свое место во глобалната видео реклама која се користи за светска промоција на оваа акција, која се реализира под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“. Кампањата се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека сите ние ја имаме моќта да направиме промена, односно обединети да ги промениме климатските промени.

–  Можеби исклучувањето на светилките во вашиот дом нема да направи голема разлика локално, но замислете го ефектот кога милиони луѓе ширум светот, во сабота во 20:30 часот ќе ги исклучат светилките, испраќајки порака дека на планетата и е потребна акција за спасување веднаш и сега. Тоа е моќта која индивидуалецот ја има за да направи промена. – додава Селков.

OhridNews