Во тек е финализирање на постапката за општина  Охрид да го превземе управувањето со неизграденото земјиште кое е во сопственост на Република Македонија, информираа деновиве од Министерството за транспорт и врски.

Оттаму објаснуваат дека согласно Законот за градежно земјиште, општините кои ќе ги исполнат предвидените услови можат да ги водат постапките за отуѓување на неизградено градежно земјиште.

-Овие услови предвидуваат општините да имаат развиено и усвоено годишна програма за управување со државно градежно земјиште,  да имаат минимален број на лиценцирани општински службеници, да имаат воспоставен систем за електронско наддавање и комисија за јавно електронско наддавање, велат од Министерството за транспорт и врски, објаснувајќи дека со управувањето на градежното земјиште од страна на општините се овозможува комплетирање на целата постапка, вклучително и купување и давање под закуп на градежното земјиште и добивање на градежни дозволи, на едно место.


Инаку деновиве Владата на Република Македонија донесе одлука со која е овозможено 6 општини кои доставиле соодветни барања и ги исполнуваат законските услови да го преземат процесот на управување со градежното неизградено земјиште кое е во сопственост на Република Македонија. Управувањето со градежното неизградено земјиште, во иднина самостојно ќе можат да го вршат општините Крушево, Кичево, Крива Паланка, Гостивар, Ново Село и Чешиново-Облешево. Со оваа одлука, вкупно 34 општини до сега се здобиваат со правото да отуѓуваат и даваат под закуп неизградено градежно земјиште.
 
Советот на Општина Охрид на седницата која ја одржа во средината на јануари годинава, ја усвои Програмата за  управување со градежно земјиште на подрачјето на општина Охрид за 2012 година. Програмата се состоеше од неколку делови и во неа земјиштето беше поделено според начинот на кој ќе се управува, така што имаше земјиште кое ќе биде отуѓувано, земјиште кое ќе биде давано на долготраен закуп, земјиште кое ќе биде давано на краткотраен закуп и земјиште кое ќе биде со јавно приватно партнерство.

Од Секторот за урбанизам при Охридската локална самоуправа тогаш објаснија дека за јавно приватно партнерство ќе бидат  предложени просторот кај автобуската станица, градскиот пазар и локации за катни гаражи.

OhridNews