Изминаа 14 години од кобното утро кога одекна веста дека кај Нова Градишка во сообраќајна несреќа животот го загуби Тоше Проески. Човекот кој ќе остане запаметен не само по неговите големи хитови, туку и по големината на неговото срце. Во неговиот животен пат ќе останат запишани бројни хуманитарни дела, спомените на насмевките кои ги предизвикуваше Тоше каде и да се појавеше, и споменот на неговото ангелско лице. Сите го сакаа Тоше.

Охрид не го заборави Тоше ни денес, 14 години подоцна. Точно напладне се огласија сирените од бродот „Армада“ од градското пристаниште, проследени со мелодијата на една од најтажните композиции на Тоше, „Игри без граници“. Музиката на Тоше одекна и од охридската Гимназија. Иницијативата за оддавање почит на Тоше на овој начин, втора година по ред е на Лајанс клубот „Лихнидос“.

Иако имаше само 26 години зад себе остави импресивно музичко наследство на кое се поклонуваат и најголемите музички мајстори. Издаде седум студиски албуми и испеа голем број хитови кои и ден денес се вртат на радиостаниците во земјава и опкружувањето. Посебно место во неговиот музички опус имаше македонската изворна музика, која благодарение на неговите преработки силно се реафирмираше,  а од музичките  дела од Тоше и денес се инспирираат младите генерации.

Емилија Колоска, вокалиска во бендот Лилит, чиј дел е и Трајко Симоновски кој беше дел од бендот на Тоше, вели дека колку повеќе ја открива приказната за Тоше, толку повеќе расте љубовта кон музичката легенда.

 

Јас бев многу малечка кога твореше Тоше, но за мене претставува една чистина од човек која во скоро време тешко дека ќе некој ќе ја достигне. Самото тоа што Таци беше инволвиран во неговата приказна и неговото раскажување за искуството кое го имаше со Тоше како дел од неговиот бенд, само придонесува да расте љубовта кон него како човек и музичар. Сметам дека направи многу за македонската сцена и го подобри животот на многу луѓе со неговата личност, со неговата уметност и со неговото однесување генерално во животот, истакна Емилија Колоска вокалист во бендот „Лилит“ во емисијата „На муабет “ на OhridNews

Многумина ги отпеаја повторно песните од Тоше, иако ни една не звучи како него, достојно за почит е тоа што музичарите не дозволуваат да се заборави неговото дело и на овој начин го продолжуваат. Горан Папаз вели дека со преработката на темата „По тебе“ сакал да ја изрази тагата за тоа што Тоше веќе го нема.

 

Со Тоше прво бевме блиски и како пријатели и соработувавме и не ми беше воопшто лесно да направам преработка на негова песна, бидејќи, како што беа сите на балканов погодени од неговата смрт така бев и јас. Тоа беше една масовна тага и агонија. Болката за Тоше трае долг период, затоа и се одлучив да направам преработка на  „По тебе“, што ќе звучи тотално дијаметрално, помеланхолично, со што сакав да кажам колку ми е жал што Тоше веќе го нема. Заслужува да се освежува меморијата за него бидејќи медиумите кај нас го забораваат, рече Папаз

Непосредно по тажната вест за трагичната смрт на Тоше Проески на 16-ти октомври 2007 година, илјадници млади и повозрасни граѓани на Охрид спонтано се собраа на градскиот плоштад и тивко се простуваа од идолот на нацијата. Утрото по смртта на Тоше во кафулињата околу Плоштад беше тивко, луѓето ги читаа весниците преполни со текстови за непрежалениот македонски херој.

 

Oхрид, Македонија и Балканот, денес се сеќаваат на неповторливиот Тоше на разни начини. Се слуша неговата музика, се организираат пригодни настани кои не потсетуваат на извонредниот музичар, кој беше многу повеќе од тоа.

К.А./ Г.М.