Меѓу  најголемите познавачи на животниот тек во старото охридско јадро, е несомнено охриѓанецот Владо Ангеличин Жура. Податоците и фактите кои нашиот сограѓанин веќе 40 години ги црпи од историските архиви ширум земјава и Балканот, го прават еден од најмаркантните генолози во поширокиот регион.

Почетоците и страста кон истражување на сопствените корени, му се тесно поврзани со враќањето во родната земја во далечната 1973-та година. Оттогаш навака, Жура темелно го проучува потеклото на фамилиите од стариот дел на градот, односно животот во Охрид од 19-тиот век.

Најголем впечаток ми остави живеачката во градот од 19-тото столетие. И покрај редовната работа како новинар, во слободното време ги истражував архивите од земјава. Информации црпев од охридскиот Историски архив, потоа националниот во Скопје, а најпосле ги истражив архивите во Белград и Софија. Таму пронајдов интересни податоци за Охрид, но се задржав на она што ме интересираше.“ – вели Жура.

Животот во старото охридско јадро, останал непроменет по доаѓањето на Османлиите.  Според Жура, една од карактеристиките на градот била сконцетрираноста на  христијанското население на еден мал простор.

Христијаните живееле на калето, кое било обиколено со ѕидови и порти. Надвор од него, постоеле тие нехристијански „маала“. Месокастро било претежно населено со дојденци од околните села, додека староседелците од Варош што имале пари, избегале преку Албанија во Италија. Втората група, Турците ги иселиле околу Измир. Меѓу нив бил и охридскиот архиепископ. Во градот останале посиромашните охриѓани и оние кои ја примиле муслиманската вера, за да го одржуваат гробот на „Св. Климент“ на Имарет.“ – додава Жура.

Кон крајот на 18-тиот и почетокот на 19-тиот век, со Охрид владеел Џељадин Бег. Според Жура, тој умешно знаел да ги исполни барањата на беговите од Скадар и Јанина, правејќи го градот спокојно место за живеење.

Тогаш на калето, почнале да се населуваат фамилиите од околиниот регион. Охрид станал расадник на културата, а во 19-тиот век тука работеле Миладиновци, Шапкарев, Прличев и многу дејци. Охрид имал свои специфики, затоа што народот се движел слободно, а низ градските улици подеднакво биле застапени и жените и мажите.“ – вели нашиот сограѓанин.

Интересен е податокот за појавата на старо-заманската трубадурска песна (староградска), која се развила во половината на 19-тиот век. Уникатната изведба исклучиво на жичани инструменти, ја оделувале од староградските песни ширум земјава.

Тоа биле трикеманина(виолина), еден ут и лаута, односно дајре. Во недостиг на весници и информатори, песната претставувала отсликување на градскиот живот. Се она што се случувало во градот, се опевало низ музичките изведби. Тука се песните за Деспина, Фросина и Русе. Покрај љубовните, застапени се и патриотските како оние за преродбениците Христо Узунов, Рашанец и Методиј Патчев.“ – истакнува Владо Ангеличин Жура.

Жените во народните песни се претставени како столб на фамилијата. Во тоа време во Охрид, владеел матријархатот. „Најпочитувана во фамилијата била „Кира Мана“ или г-ѓа мајка. Таа одлучувала за сите настани од типот на женачки и свадби. Затоа и во песните како онаа „Бог да бие Русе твојта мајка“ никаде не е споменат таткото. Тој е изоставен од семејниот живот, бидејќи бил задолжен за трговијата.“ – додава Жура.

Карактеристично за градот, била еднаквата едукација на машките и женските деца, кои придонеле за духовно издигнување на народот меѓу градските ѕидини. „По завршување на основната школа, децата се пуштале да учат гимназиско образование во Јанино. Од таму продолжувале на универзитетите во Виена или Атина. Целото население било на едно високо интелектуално ниво. Оние кои се враќале од Европа, придонеле за културно воздигнување на граѓаните.“ – вели Жура.

Тој е автор на една необична книга со наслов „Жура за Жура“, во кои се вметнати спомените на неговиот татко за животот меѓу двете светски војни.

Тоа фактички се спомените на татко ми за неговото детство и животот меѓу војните кој не е многу обработен во охридската историја. Напишана е на варошки говор, бидејќи во тоа време Македонскиот јазик не бил кодифициран. Издадена е на два пати, по 500 примероци. Поради големата заинтересираност, ја имам поставено на интернет каде граѓаните можат бесплатно да ја спуштат и читаат.“ – истакна Жура.

Исто така, тој е дел од социјалната мрежа Гени, каде се испитуваат семејните стебла на луѓето од целиот свет. „Во моето семејно стебло, раководам со 1644 профили на роднини со кои имаме заеднички претци. Нормално, тука се и роднините на сопругата кои се распространети на сите контитенти. Секојдневно ги дополнувам податоците, а ме радува фактот што се повеќе охриѓани ја користат оваа социјална мрежа“. – завршува Жура.

Инаку, Владо Ангеличин Жура е поранешен новинар. Добитник е на „Седмоноемвриската награда“ која е пандан на денешната „Светиклиментова“.

О.Т.