За новогодишните празници охридските хотели се речиси целосно исполнети, во најголем дел со гости од соседните држави.

-Оваа Нова година во Охрид ќе биде екстра одлична исполнетост. Најбројни се гостите од Србија, Бугарија и Грција, а интерес има и од домашните туристи, велат хотелиерите.

Главно охридските хотели нудат тридневни аранжмани за Нова година, чија цена се движи од околу 100 до 160 евра по лице.

Исполнети ќе бидат и угостителските објекти. Охридските угостители за најлудата ноќ понудија цени за секој џеб.

Цените во рестораните за најлудата ноќ се движат од 20 до 50 евра во зависност од понудата која на места вклучува  богато свечено мени и неограничен пијалок.

Дел од охридските кафетерии ќе работат по принципот на резервација и влезница во која се вклучени неколку пијалаци, мезе или апетисани и овошје.

Дел од угостителските објекти ќе работат со слободен влез и вообичаени цени на услугите.

-Охридските угостители се подготвени за дочек на Новата година, а дополнително оптимизам ни влева најавата дека градот ќе биде исполнет за претстојните празници. Цените се исти веќе неколку години и тие не се никаков проблем. Тие беа на ова ниво кога во соседството цените беа многу пониски, а сега тие се на наше ниво, додека со Грција и западноевропските земји цените неможат да се споредат. Не е проблем цената туку слабата економска моќ на нашите граѓани, додека за странските туристи понудените цени се прифатливи, велат од Еснафот на угостители.

OhridNews