Привршуваат подготовките за одбележување на големиот христијански празник Богојавление- Водици во Охрид. Завршено е китењето на централното градско подрачје и пристаништето со зеленило и верски знамиња. Во рамки на предвиденото веќе е исчистен делот од езерото и кејот каде ќе бидат сместени капачите и каде ќе се одвива полагањето на светиот крст.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, околу пладне на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Некст Тајм“.
Истиот ден во 12 часот на месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштевање во Охридското Езеро, а сите заинтересирани ќе може да се пријават во црквата „Свети Никола Геракомија“. Во Центарот за култура „Григор Прличев“, во организација на Црвен Крст од 9 до 15 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.
Во сите парохиски цркви во Охрид во тек е пријавувањето на капачите кои сакаат да бидат дел од настанот. И ова година има голем број пријавени верници што ќе скокаат по крстот, досега ги има над 400. Како што изјави Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија, бројот на оние што се пријавуваат секојдневно расте, а она што е интересно што оваа година има голем број пријавени верници од другите градови од земјата, како и од околните држави.

Во согласност со востановената традиција, најмасовната црковно – културна манифестација посветена на празникот Богојавление- Водици е составена од два дела. Првиот дел е црковниот дел, за кој е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и вториот дел е граѓански, што го координира Општина Охрид и се однесува на целокупната празнична програма.
OhridNews













